Според него, човечкиот потенцијал којшто го има Министерството за внатрешни работи не бил распределен соодветно, а луѓето кои што работат во овој сектор, според информациите кои ги добил, таму биле праќани да работат по казна
Тој, говорејќи за проблемот, рече дека на првиот работен ден како министер наишол на, како што кажа „саботажа“ во однос на договорот за испорака на 50 000 обрасци за пасоши
Метежот со издавањето на личните документи може да се ублажи со соодветно менаџирање и прераспоредување на човечките ресурси коишто ги има Министерството за внатрешни работи. Евентуално пролонгирање на рокот во кој граѓаните треба да ги заменат личните документи со новото уставно име не може да се очекува, бидејќи грчката страна опстојува на почитување на роковите за примена на одредбите кои произлегуваат од Преспанскиот договор.
Вака може да се сумира одговорот на министерот за внатрешни работи во техничката влада од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Панче Тошковски што тој го даде во врска со ова прашање во вечерашното интервју во „Тема на денот“ во Дневникот на ТВ Сител.
Тошковски денеска имаше средба со амбасадорката на Грција во земјава, Софија Филипиду, на која, како што информираа од МВР, тој го презентирал проблемот со недостигот на обрасци за пасошите и предложил мерки за негово решавање.
Меѓутоа на средбата, како што кажа тој во интервјуто, амбасадорката била јасна во однос на рокот до кој граѓаните треба да ги заменат патните исправи.
„Амбасадорката јасно си кажа. Ми кажа извинете министер, но договорот стапил на сила на 12.2.2019, пет години истекуваат на 12.2.2024 година, тоа е тоа“,
рече министерот за внатрешни работи.
Од амбасадорката, како што кажа тој, денеска му било соопштено дека од страна на нашите институции во повеќе наврати било наговестено дека нема да го имаме овој проблем.
„Денеска од страна на амбасадорката ми беше соопштено дека од страна на нашите институции во повеќе наврати е наговестено дека нема да го имаме овој проблем којшто го имаме, дека нема да го имаме овој хаос кој се случува и е факт дека е секојдневие и дека ќе се ублажела постапката на издавање на пасоши во иднина заради тоа што веќе се издале еден милион и двеста и педесет илјади, ама што правиме со останатите еден милион и двеста и педесет илјади што треба да се издадат. Што правиме со тоа што договорот стапи во сила, а две години ништо не правеа и издаваа пасоши со претходното име. Што правиме со тоа?“,
рече Тошковски.
Министерот, кој денеска го посети пунктот за фотографирање за лични документи во полициската станица „Пролет“, во интервјуто рече дека она што може да го вети е дека ќе го намали рокот за фотографирање за лични документи.
Тоа, како што кажа претходно во разговорот, може да се направи со добра организација и со зголемување на бројот на луѓе кои што работат во управните служби на Министерството за внатрешни работи.
„Да, може да се ублажи. Со добра организација, со зголемување на бројот на луѓе коишто работат таму, со соодветно менаџирање и прераспределување на човечките ресурси коишто ги има Министерството за внатрешни работи може да се подобри ситуацијата, како во делот на фотографирање, како еден од првите чекори во постапката, така и во делот на издавање“,
рече министерот.
Во таа насока, како што кажа, веќе издал наредби да се повлечат одреден број на луѓе од други сектори каде што нема таква нужност од постапување и тие да се распределат во овој дел каде што е алармантна ситуацијата.
Но, нагласи самиот, на тие луѓе коишто ќе бидат прераспределени ќе им треба најмалку седум-осум дена да бидат обучени за да може да бидат поставени на тие позиции за да се олесни процесот.
Според него, човечкиот потенцијал којшто го има Министерството не бил распределен соодветно, а луѓето кои што работат во овој сектор, според информациите кои ги добил, таму биле праќани да работат по казна.
„Луѓето таму ги праќале под казна, барем така зборуваат. Кога некој требало да биде казнет бил праќан на спроведување на овие управни постапки и на крајот го имате ефектот каков што го имате“,
рече Тошковски.
Проблемот, рече тој не е само во фотографирањето и во издавањето на пасошите, туку најголем проблем, според него, е во планирањето.
„Кога го планирале, не го планирале процесот по број на државјани на Република Македонија, туку го планирале процесот по број на ефективно присутни во Република Македонија. Прва катастрофална грешка. Второ, многу доцна влегле во процесот на реализација на самиот договор и сега од позиција на амбасадор на своја држава (грчката амбасадорка во земјава н.з.) нормално е дека ќе инсистира на почитување на одредбите од договорот“,
рече министерот.
Тој, говорејќи за проблемот, рече дека на првиот работен ден како министер наишол, како што кажа на саботажа во однос на договорот за испорака на 50 000 обрасци за пасоши.
Прашан за каква саботажа станува збор, Тошковски одговори:
„Саботажа затоа што тој што требаше да го потпише договорот во однос на давање на наредба да тргнат пасошите кон Република Македонија не го потпишувал три-четири дена уште додека бил претходниот министер. Зошто не го потпишал не знам. Јас вчера врз основа на соработката со луѓето кои што се од системот и врз основа на нивна добра волја ја добив информацијата, лично јас го потпишав договорот, лично јас издадов наредба да тргнат пасошите кон Република Македонија, стигнати се, се врши соодветна анализа на нив за да може да влезат во процес и ќе влезат. Замислете прв ден министер, одите на работа и случајно дознавате дека она кое што го најавувале како процес дека треба да треба да стигнат 50 000 пасоши, да ќе стигнат, но никој не ги презел дејствијата што треба да ги превземе. И најинтересно од се, другата договорна страна, која што требаше да го ефектуира договорот, ако не се решеше вчера проблемот ќе заминеше во државата од каде што потекнува и немаше да се потпише договорот и немаше да се изврши нарачката и немаше да стигнат пасошите“,
рече министерот за внатрешни работи во техничката влада, додавајќи дека не може да каже од кого е „саботажата“ оти не сака од ракав да кажува кој е крив, но вели оти вакво нешто не може да биде случајност.
Во однос на обрасците за пасошите рече дека проблемот не е со добавувачот, туку во лошото планирање. Со досегашното ниво на изработка од 50 000 пасоши месечно, според него, и да се зголеми оваа бројка, за да се задоволат барањата на уште околу милион граѓани ќе биде потребна една година. Најави дека на крајот на јуни или јули, треба да стигне поголема количина на обрасци со кои треба да се задоволи остантиот дел од потребата за процесот.
„Со зголемување на обемот на работа и со дополнителни капацитети и со залагање на сите оние коишто се добронамерници и професионалци во процесот се надевам дека ќе го зголемиме процесот. Но каде е маката. Ние чекаме да добиеме заклучно со крајот на овој месец некаде околу 250 000 пасоши. Значи имаме 250 000 и 50 000, тоа се 300 000 пасоши, за колку и да го зголемиме производството, за да се задоволи барањето на граѓаните од еден милион ќе треба некаде околу година дена. Ова е проста математика. Мислев првин дека е проблем со доставувачот на пасошите, ама не е. Обврските што ги превзеле со доставувачот се во рамки на она кое тогаш го планирале, они лошо планирале или пак воопшто не се замарале и како последица на тоа го имаме ова денес“,
рече Тошковски.
Во тој контекст, министерот за внатрешни рече дека е невозможно до 12 февруари да се заврши со замената на пасошите.
„Јас чуда не можам да направам. Луѓето коишто се со мене таму чуда не можат да направат, но можат да дадат се од себе и да одат на работа по 14, 18 часа во денот да работат ако треба за да подобрат нешто, за да почувстуваат граѓаните дека навистина има надеж, дека ќе одиме кон подбор, а не кон пропаст“,
рече министерот.