Меѓу приведени има и поранешни функционери во Министерството за економија и во Дирекцијата за заштита и спасување, рече министерот за внатрешни работи на прес-конференцијата попладнево
„Легална лиценца оваа фирма нема. Не би сакал да откривам детали за тој дел оти сме рано во истражната постапка. Сакам да кажам дека оваа лиценца како и многу други работи во Македонија е поврзана со мито и корупција и сакам да напоменам дека во овој случај имаат име и презиме тие кои што се вклучени во нелегалното издавање лиценци и ќе одговараат за тоа“, кажа Тошковски
Повеќе од 20 лица до овој момент се осомничени за пожарот во дискотеката во Кочани во кој животите, според досегашниот биланс ги загубија 59 лица, а повеќе од 150 се повредени.

Ова попладнево на прес-конференција го соопшти министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, кој наведе дека околу 15 лица се наоаѓаат во полициската станица.
Дел од осомничените за овој кривично-правен настан, како што кажа тој, се меѓу починатите, а дел се во наоѓаат во болница.
Во моментов имаме четири лица во болница. Два члена на бендот, син на сопственик на дискотеката и управител на правното лице кое што ја менаџирало дискотеката“, рече Тошковски.
Дел од приведените лица, коишто во моментот се во полициска станица, како што кажа Тошковски, се луѓе коишто имаат директна вина во врска со овој кривично-правен настан, согласно доказите со кои досега располага МВР во согласност од Обвинителството.
„Приведено е едно лице коешто е организаторот на настанот и за кое имаме сомненија дека има директна вина за сторени кривилни дела поврзани со овој настан“,
кажа министерот.
Меѓу приведените, информира тој, се и поранешен државен секретар во Министерството за економија, како и поранешен, а како што наведе, според негово мислење и актуелен раководител на сектор во Министерството за економија.
Приведен е и поранешен директор на Дирекцијата за заштита и спасување и тројца вработени во Дирекцијата.
„Дел до приведените во Кочани, како што реков се организатори на самиот настан, дел биле вклучени во обезбедување, дел во други активности поврзани со самиот настан“,
рече министерот.
Според Тошковски, досега е извршен разговор со над 25 лица, а истражните активности во смисла на прибирање докази и информации продолжуваат.
Во врска со прашањето за лиценцата, министерот за внатрешни работи кажа дека оваа фирма работела без легална лиценца, притоа не откривајќи детали, бидејќи како што кажа, истрагата е рана фаза.
„Легална лиценца оваа фирма нема. Не би сакал да откривам детали за тој дел оти сме рано во истражната постапка. Сакам да кажам дека оваа лиценца како и многу други работи во Македонија е поврзана со мито и корупција и сакам да напоменам дека во овој случај имаат име и презиме тие кои што се вклучени во нелегалното издавање лиценци и ќе одговараат за тоа“,
рече Тошковски.
Во тој контекст, министерот за внатрешни работи додаде:
Денес Македонија плаче, ама одговорност ќе има за секој еден од корумпираните, неодговорните и секој еден којшто има директно или посредно влијание за настанување на овој кривично-правен настан“, рече тој.