Министерот истакна дека повеќе детали за предметот ќе бидат соопштени во скоро време, потенцирајќи дека службите постапуваат по насоки на Јавното обвинителство

Поранешниот државен правобранител, Фехми Стафа, е приведен вчера од страна на Министерството за внатрешни работи (МВР) по наредба на судија на претходна постапка, во соработка со Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК).
Ова денеска го потврди министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, одговарајќи на новинарски прашања по отворањето на реконструираната полициска станица во Бутел.
„Во текот на вчерашниот ден МВР во соработка со Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, по наредба на судија на претходна постапка презема дејствија во рамки на негова надлежност, при што лицето кое што го споменавте е приведено од страна на МВР“,
изјави Тошковски.
Министерот истакна дека повеќе детали за предметот ќе бидат соопштени во скоро време, потенцирајќи дека службите постапуваат по насоки на Јавното обвинителство.
„Во текот на денешниот ден постапуваме во соработка со Јавното обвинителство, по нивни напатствија, така да во овој момент не би можел да издвојам повеќе детали во врска со овој предмет. Ќе следат за кратко информации во јавноста и од страна на МВР и од страна на ЈО“,
додаде Тошковски.
Тој посочи дека заедничкото постапување на МВР и Јавното обвинителство покажува дека е можно поинакво функционирање во однос на борбата против криминалот и корупцијата, за разлика од „честата пракса во минатото“.
Информацијата за апсењето на Фехми Стафа синоќа за „360 степени“ ја потврдија извори од истрагата.
Фехми Стафа ја извршуваше функцијата државен правобранител од август 2018 година, па сѐ до неговото разрешување на 23 август 2022 година.
Институцијата државно правобранителство, чиј раководител го назначува Владата, е задолжена да ги штити имотните и други права и интереси на државата.
По разрешувањето, Фехми Стафа работеше како адвокат и е еден од кандидатите пријавени на последниот јавен оглас за избор на член на Судскиот совет.
