Изјавата на Тошковски доаѓа откако вчера шефот на дипломатијата Бујар Османи рече дека министерот за внатрешни работи лошо ги интерпретира пораките од ЕУ во врска со пасошите и дека за движењето на македонските државјани низ земјите членки на ЕУ со пасоши со старото уставно име одлучува секоја држава поединечно, како нејзино суверено право
Според министерот за внатрашни работи проблемот со пасошите може да се реши утре доколку пратениците на СДСМ и ДУИ ги подржат измените на Законот за патни исправи со кои валидните пасоши со старото уставно име би важеле до крајот на годината
Земјите членки (на Европската Унија) изразуваат разбирање за прашањето (за пасошите со старото уставно име на државата) и волја за надминување на проблемот преку изнаоѓање на практично решение во најкус можен рок, е дел од документот што министерот за внатрешни работи Панче Тошковски го цитираше во вечерашното гостување во емисијата „Само интервју“ на ТВ Канал 5.

Министерот се осврна на ова прашање, откако завчера во разговор во емисија на ТВ Сител изјави дека добил допис од Брисел дека Европската Унија нема да прави проблем доколку граѓани на Република Северна Македонија треба да патуваат со пасоши со старото уставно име.
За ваквите наводи, вчера тој условно кажано беше демантиран од шефот на македонската дипломатија (сега и кандидат на ДУИ за претседател на државата) Бујар Османи, дека станува збор за лоша интерпретација на министерот и дека за движењето на македонските државјани низ земјите членки на ЕУ со пасоши со старото уставно име одлучува секоја држава поединечно, како нејзино суверено право.
Тошковски во вечерашното интервју рече дека документот на кој се повикува бил изготвен од службите од постојната мисија на земјава при Европската Унија во Брисел, а во врска со состанок на Комитетот за патни исправи на Европската комисија.
„Овој документ е пристигнат од постојаната мисија на Република Македонија при Европската Унија во Брисел. Значи ова нашите го имаат изготвено, нашите службеници платени од парите на граѓаните, за тоа што се разговарало на состанокот кој ми беше најавен од белгискиот амбасадор на кој истиот ми кажа дека Европската комисија е загрижена за нашите граѓани затоа што голем дел од нив се земјите членки на ЕУ, живеат таму, работат таму и не сакаат да им ги кршат загарантираните права согласно Судот во Стразбур , согласно меѓународни конвенции, согласно Универзалната декларација за човекови права, согласно Протокол број 4 од конвенција за заштита на човекови права. Сите тоа го зборуваа. На пример германската амбасадорка беше загрижена за 70 000 Македонци кои што живеат во Германија, а имаат стари патни исправи. Ние не ги знаеме тие информации, ама тие ги знаат. Тоа се сериозни држави, не се како нашата“,
рече Тошковски.
Во продолжение тој цитираше уште еден дел од документот од како што кажа состанокот на Комитетот за патни исправи на Европската комисија на 13 февруари 2024 година.
„ Еве сега пак што пишува: ‘Претставникот на еден од директоратите’, да не ги обременувам сега граѓаните, ‘повтори дека на одржаниот состанок на Комитетот за патни документи било покажано разбирање и флексибилност меѓу земјите членки во однос на техничката природа на прашањето. Со оглед дека само Грција известила дека не ги прифаќа пасошите со старото име на државата во принцип тоа би значело дека граѓаните на Македонија ќе може да влегуваат и излегуваат во други земји членки на ЕУ, но со укажување дека конечната одлука за прифаќање на старите пасоши е на самата земја членка и тоа може да го направи и без навремено да ја информира Европската комисија’“,
рече Тошковски.

На забелешката на новинарот дека според него, доколку Собранието ги усвои измените на Законот за патни исправи со кои ќе се продолжи важноста на пасошите со старото уставно име до крајот на годината како што бара ВМРО-ДПМНЕ, само во Грција нема да може да се патува со „стар пасош“, Тошковски одговори:
„Да, заради тоа што денеска единствено од Македонија не можат да излезат луѓето со стариот пасош и тоа е срамно и жално и навистина не можам да сфатам како може некој да не си ги сака своите граѓани. Тука е проблемот. Од тука тргнува се и тука завршува се“,
изјави техничкиот министер за внатрешни работи, изменуван на предлог на ВМРО-ДПМНЕ.
Коментирајќи ја изјавата на шефот на дипломатијата Бујар Османи за лошата интепретација на документот, Тошковски рече дека Османи не може да зборува за вакви работи, затоа што не ги разбира.
„Човекот за операции нека зборува, нека зборува за рентген на абдомен, за тие работи може тој да разговара, не може разговара за ова и за тоа сме на ова дереџе на кое што сме…Не сакам да зборувам за правни аргументи. Она што го зборуваше Османи за член 18 од Уставот. Па тој нема право да зборува за член 18 од Уставот, тој не знае што пишува во членот и да го причита не знае да го разбере. Па не му е тоа работа нему, тој треба да оперира. Тој не треба да чита членови од Устав. Па како не му е срам. Сите експерти кои што разбираат уставно право излегоа кажаа луѓето. Доста со импровизации и со неписменост“,
рече Тошковски, алудирајќи на професијата на Османи, кој е лекар по струка.
Според него, проблемот со пасошите може да се реши уште утре доколку пратениците ги поддржат законските измени за продолжување на важноста на пасошите со старото уставно име кои се валидни до крајот на годината.
„Утре. Што сме денеска четврток. Ја ви гарантирам дека на 23 февруари, петок утре, наутро во 8 часот нека седнат пратенциите од СДСМ и ДУИ во Собрание, едно копче нека стиснат и состојбата се нормализира, граѓаните немаат мака“,
кажа Тошковски, одговварајќи на прашањето кога очекува да се реши проблемот со пасошите.

Тој во интервјуто зборуваше за недостатокот на обрасци за пасоши и за тоа дали биле набавувани навремено.
„Не велам ништо, дали е сомнително или не, еве ги датумите: на 18 август бил потшпишан договор за 400 илјади обрасци за пасоши, 4 декември е датум кога се утврдува дека ќе има техничка влада, средина на декември се потшишува некој документ дека наместо 400 илјади, да има 22 илјади обрасци. Правно образложение нешто сукцесивно, не го разбирам образложението и тоа е дел од тоа што го испитува внатрешна контрола. Си има постапка и не сакам да влијаат на истата“,
рече Тошковски.
Во однос на актуелната динамика на издавањето на пасошите, Тошковски кажа дека фотографирани граѓани кои не добиле патна исправа има околу 105 илјади. Оние, како што рече, кои се фотографирани заклучно со денеска, би ги добиле новите пасоши, ако динамиката оди како што треба, за максимум месец и половина. Во овој момент, информира Тошковски, на активниот телефонски број за закажување за вадење нови лични документи има 75 000 нови закажувања за фотографирање. Додава и дека во текот на изминатите денови се направени презакажувања за дополнителни 56 000 лица кои претходно имале закажано термин за фотографирање за во јуни, јули или август, минатата година.