„Институциите сега се тука да ве заштитат, брзо и одлучно. А оние што денес глумат морални судии и организираат пресови со ‘крвави раце’, обидувајќи се од трагедиите да направат политички спектакл, нека продолжат со тоа. Истите тие со години ја третираа полицијата како алатка за заштита на сопствените криминални и партиски интереси, наместо како институција што ги штити граѓаните“, вели министерот за внатрешни работи Панче Тошковски

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во објава на Фејсбук порача дека секој што ќе крене рака за да малтретира, демне или заплашува жена ќе се соочи си законот.
Тој објави информации за случаи на семејно насилство во кои вчера и денеска постапувала полицијата.
„Во текот на вчерашниот ден две лица беа лишени од слобода во врска со семејно насилство и им е определен 30 дневен притвор. Денеска уште двајца ќе се соочат со правдата по брза постапка – едниот за семејно насилство, а другиот за демнење на жена. Ова е јасна порака дека насилството и вознемирувањето нема да се толерираат. Како министер за внатрешни работи, сакам јасно да порачам дека МВР постапува бескомпромисно. Секој што ќе крене рака на друг или ќе помисли дека може да малтретира, демне и заплашува жена, ќе се соочи со институциите и со законот“,
порача Тошковски.
Министерот ги охрабри сите граѓани, особено жртвите на семејно насилство и било какво вознемирување, да пријавуваат.
Како што рече, оние што сега глумат морални судии со години ја користиле полицијата за заштита на криминални и партиски интереси.
„Институциите сега се тука да ве заштитат, брзо и одлучно. А оние што денес глумат морални судии и организираат пресови со ‘крвави раце’, обидувајќи се од трагедиите да направат политички спектакл, нека продолжат со тоа. Истите тие со години ја третираа полицијата како алатка за заштита на сопствените криминални и партиски интереси, наместо како институција што ги штити граѓаните. Нашиот одговор нема да биде со прес-конференции, туку со апсења, постапки и институции што конечно работат“,
вели Тошковски.
Инаку, претходно денеска од опозицискиот СДСМ прашаа уште колку животи треба да згаснат за министерот за внатрешни работи Панче Тошковски да поднесе оставка.
„Не е само последната трагедијата во која згаснаа животите на мајка и дете и коа ја потресе целата јавност. Премногу трагедии, премногу згаснати човечки животи, премногу жртви поради сериозните пропусти во системот на МВР“,
велат од СДСМ.
