Според него, во изминатиот период се кренала прашина од страна на опозицијата, за која како што додаде, нема врска со реалноста или логиката
Ниту се размислува, ниту има какви било шанса да се согласиме државата да биде центар за прифаќање мигранти или локација за отварање мигрантски кампови. Ова денеска од Брисел го соопшти министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во врска со наводите на британските медиуми дека Британија можеби ќе ги депортира одбиените баратели на азил во Северна Македонија.

Според него, во изминатиот период се кренала прашина од страна на опозицијата, за која како што додаде, нема врска со реалноста или логиката оти Македонија треба да претставува некаков хаб центар или погодна почва за прифаќање на мигранти, кои не би биле погодни за Европската Унија, или за земји што се наши традиционални пријатели, како Велика Британија.
„Македонија ниту размислувала, ниту размислува, ниту има какви било шанси да прифати во иднина да биде хаб центар или да отвори кампови за мигранти. Такво нешто ниту имало, ниту, пак, ќе има“,
вели тој.
Во однос на законските регулативи на Европската Унија, поврзани со Пактот за азил и миграција, Тошковски посочи дека на земјата и претстои да работи на усогласување на нашето законодавство со европските директиви во оваа сфера.
Инаку, тој денеска во Брисел учествуваше на втората меѓународна конференција на Глобалната алијанса за борба против шверцувањето мигранти, значаен светски форум што ги обединува партнерите во справувањето со еден од најсериозните транснационални безбедносни предизвици.
Во овој светски форум, како што вели се вклучени сите оние држави што се опфатени и заинтересирани да делуваат во делот на легалната и илегалната миграција, како што се земјите на потекло, земјите на транзит, како што е Македонија и земјите на крајна дестинација, односно тие каде најчесто се заинтересирани да стигнат.
На Конференцијата е усвоена Декларација, која, како што нагласи Тошковски, ги содржи сите идни стремежи на земјите членки на Алијансата со цел подобро справување со криумчарењето мигранти и генерално против илегалната миграција.
