Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски не верува дека во моментов има институционални злоупотреби поврзани со незаконско прислушување

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски вели дека нема никaкви дополнителни информации за наводите за прислушување, освен оние кои јавно се споделени од АНБ.
Тој во интервју за „Радио Слободна Европа“ посочи дека Обвинителството треба да ги расчисти сомнежите за незаконитости.
„Согласно јавно достапни информации кои се споделени од страна на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), сме информирани дека од страна на внатрешна контрола во рамки на АНБ е спроведена внатрешна истрага, при што се утврдени одредени незаконитости, врз основа на кои утврдени факти е доставено известување до надлежен јавен обвинител, кој претпоставувам дека ќе преземе во законски утврден рок соодветни процесни дејствија во рамки на негова надлежност, односно согласно она што, пак ќе повторам, е јавно достапна информација, на чекор е jавното обвинителство да ги преземе оние надлежности кои се во рамки на неговите законски утврдени надлежности, сè со цел да и ние како Министерство за внатрешни работи, особено јавноста, бидат известени за предметните незаконитости кои биле утврдени од страна на внатрешна контрола во АНБ“,
кажа Тошковски и потенцира дека МВР нема никаква дополнителна информација која посебно е стигната до нив.
Тој во интервјуто посочи и дека не верува оти во моментов се прислушува незаконски.
Од ВМРО-ДПМНЕ секојдневно на прес-конференции повторуваат дека нивниот лидер Христијан Мицкоски пет години (помеѓу 2019 и 2024) бил прислушуван и следен со злоупотреба на тајните служби, а СДСМ повикува на декласификација на документите и прашува од што се плаши власта.
Поранешениот директор на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), Виктор Димовски, во интервју за „360 степени“, говореше за наводите од АНБ дека внатрешна истрага покажала оти Агенцијата била киднапирана од еден поранешен директор и неколкумина вработени, кои злоупотребувајќи ги ресурсите на АНБ се пресметувале со неистомисленици, меѓу кои политичари, новинари, бизнисмени…
Димовски во интервјуто тврди дека немало следење на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
„Тврдам дека немало никаква документација што се однесува на прислушување и следење на поранешниот лидер на опозицијата, а доколку такво нешто постои, немаше да има потреба од ништо од ова што се случува, од овој циркус во парламентот, немаше потреба можеби и оваа емисија да ја имаме, ако одлучеа на едноставен начин да се декласифицира документацијата и да се објави“,
рече Димовски.