„Макотрпно работиме на нов закон за внатрешни работи и на нов закон за полиција, а во иднина и на нова систематизација. Треба да овозможиме полициските службеници да бидат видливи на терен, а за да бидат видливи, треба да ги има на терен. За да ги има на терен, треба да има помалку ‘спијачи’ во министерствата, а повеќе работници“, изјави министерот за внатрешни работи за време на денешната посета на Тетово
Недостасуваат полициски службеници кои работат на терен, а во исто време постои превработеност на останатите позиции во Министерството за внатрешни работи (МВР), изјави денеска од Тетово ресорниот министер Панче Тошковски, додавајќи дека поради ваквата ситуација се работи на нов закон за внатрешни работи и нов закон за полиција, пренесе МИА.

Во иднина, како што напомена министерот, ќе се работи и на нова систематизација која ќе овозможи максимално, рационално и ефикасно трошење на парите на граѓаните, но и ќе овозможи полициските службеници да бидат повидливи на терен.
„Не само во СВР Тетово, туку речиси и на целата територија на државата, во делот на оние позиции во рамки на Министерството каде што има макотрпна работа, каде што полицискиот службеник треба да е на терен, за да можат македонските граѓани да живеат безбедно, таму секогаш ни фалат вработени. Во другиот, комотниот дел, каде што не се изложени на дожд и на ветер, не се изложени на улица да го загрозат својот живот, таму има вишок на вработени“, изјави Тошковски одговарајќи на новинарско прашање за време на неговата посета на Тетово.
Тој најави дека ќе се преземаат оперативни планови за кативирање на сите вработени во МВР, кои, како што кажа, веќе почнале да се спроведуваат во Скопје, а втор град каде ќе се имплементира овој план со внатрешна распределба во рамките на постоечката мобилност, ќе биде Тетово.
Според министерот, разликите, споредено со претходно, ќе бидат видливи за кратко време, односно за две недели отсега.
„Ако ме прашате дали има доволен број на вработени полициски службеници во увидна екипа и во сообраќајните екипи, ќе ви одговорам дека нема. Но, ако ме прашате на комотните позиции, од аспект на началници, менаџери, оние фини и културни позиции во рамки на Министерството коишто се многу добро познати во јавноста, таму има превработеност. Но, и за тоа имаме решение. Макотрпно работиме на нов Закон за внатрешни работи и на нов Закон за полиција, а во иднина и на нова систематизација. Треба да овозможиме полициските службеници да бидат видливи на терен, а за да бидат видливи на терен, треба да ги има на терен. За да ги има на терен, треба да има помалку ‘спијачи’ во Министерствата, а повеќе работници“, рече Тошковски.