Тошковски информираше дека денеска бил активиран и механизмот на европска помош за справување со пожарите. Преку овој механизам, Грција испратила два канадери и два пешадиски тимови
Во текот на денешниот ден во земјава имало 20-тина пожари и тие се ставени под контрола, информираше вечерва на прес-конференција, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.

Како што посочи тој, причината за распламтување на пожарите биле неповолните временски услови и силниот ветер, а за дел од пожарите, додаде министерот, имаат сомневање дека се подметнати од човечки фактор при што се испитуваат неколку наводи.
„Морам да напоменам дека можеби се работи за поинакво сценарио, од она сценарио на случајност. Институциите работат на терен. Во текот на вчерашниот ден фативме лице кое со умисла палеше оган. Лицето беше пронајдено и му беше изречена најстрога мерка. Многу е симптоматично како се неутрализира еден пожар, започнува втор, а како се неутрализира вториот стартува трет пожар. И сите се поврзани со одредена инфраструктура во државата. Од страна на МВР сум информиран дека се сомневаат дека станува збор за одредено сценарио кое сака да се постигне во Македонија“,
изјави Тошковски.
Тој потврди дека за големиот пожар кој избувна денеска на приватен отпад во Визбегово, се преземени конкретни дејства.
„Сопствениците се приведени и по насока на јавен обвинител ќе бидат изнесени пред судија на претходна постапка“,
рече министерот.
Тошковски информираше дека денеска бил активиран и механизмот на европска помош за справување со пожарите. Преку овој механизам, Грција испратила два канадери и два пешадиски тимови.
Тој додаде дека под контрола се ставени пожарите во Дојран, Крива Паланка, Орман, Волково.
„Сите владини инситуции се активно вклучени, 300 војници се во приправност, дел од нив на терен. Убеден сум дека на крајот, со сето она што го имаме како капацитети, ќе одговориме соодветно на предизвиците и ќе ги победиме огнените стихии кои ја зафатија Македонија, и секако регионот“,
изјави министерот и најави дека сите лица што ќе се обидат да го загрозат животот на граѓаните соодветно ќе бидат изведени пред лицето на правдата.