Првиот човек на МВР, во интервју за „360 степени“ на МРТ 1, не се согласува со тврдењата дека кривичната пријава на МВР за случајот „Државна лотарија“ била послабо сработена од онаа на Финансиската полиција за истиот случај
„Јас не би шпекулирал кој за конкретна ситуација поднел подобра кривична пријава. Јас би бил презадоволен кога на крајот на денот криминалците ќе бидат таму каде што им е местото, а сите оние што се двоумат во иднина дали да сторат или да не сторат нешто на буџетот на државата, ќе ги земат за пример оние што се таму каде што им е местото“, вели Тошковски

360°: За случајот со „Државна лотарија“ и недостапноста на Артан Груби. Од СДСМ и натаму инсистираат дека ВМРО-ДПМНЕ, во договор со ДУИ, му овозможи на Груби да избега.
Панче Тошковски: Мислам дека сами не си веруваат на таа теза, не знам зошто ја пласираат, тоа е нивниот довчерашен партнер во кој се крстеа.
360°: Освен казна за конкретниот полициски службеник, имате ли некакво друго сознание околу тоа како се случи Груби да ја напушти земјава во ситуација во која беше на стоп-листа?
Панче Тошковски: Министерството за внатрешни работи изрече суспензија и поднесе кривична пријава за службеникот кој бил фасциниран од предметното лице кое вие го посочивте. Тоа дека бил фасциниран беше мое претпоставување.
360°: Тоа сакав да ве прашам, дали вие или тој вели дека бил фасциниран?
Панче Тошковски: Јас ги гледав камерите, гледав какви се конклудентните дејствија на полицискиот службеник. И вие да ги видите, ќе го имате истиот заклучок како што го имав јас. Од аспект на она што го презема како дејствија со предметното возило и предметно лице и другото лице во рамки на возилото, и како така фино културно…
360°: Колку и да звучи несоодветно прашањето – каква е етничката припадност на полицискиот службеник?
Панче Тошковски: Македонец.
360°: Македонец.
Панче Тошковски: Македонец, тоа е факт.
360°: Друго нешто имате ли како сознание? Јавното обвинителство отвори истрага.
Панче Тошковски: Работи Јавното обвинителство и ние сме вклучени. Доставени се сите оние материјали коишто требаше да бидат доставени од наша страна. Се надевам дека за најкратко можно време ќе излезе со повеќе сознанија.
360°: Имате ли сознанија за евентуално организиран случај?
Панче Тошковски: Не можам да кажам таков заклучок од она коешто јас го имам досега добиено како информација.
360°: Имате ли некакво ново сознание каде е Артан Груби?
Панче Тошковски: Не.
360°: Зошто Јавното обвинителство отвори истрага за само еден сегмент од вашата кривична пријава за случајот „Државна лотарија“, конкретно за набавката на видеолотариските терминали. Но, на пример, не и за основањето на новите трговски друштва чија работа била да приредуваат електронски и интернет-игри на среќа. Како го објаснувате тоа, бидејќи вашата кривична пријава беше прилично широко поставена, а истрагата на обвинителството е засега фокусирана само на еден сегмент од неа?
Панче Tошковски: Врз основа на индициите што ги имавме, врз основа на материјалните докази што ги имавме обезбедено, во рамки на нашата надлежност на постапување, во рамки на степенот на сомнение што е надлежност на Министерството за внатрешни работи, изготвивме и доставивме кривична пријава. Јавното обвинителство, во рамки на својата надлежност, одлучило и проценило дека треба во рамки на степенот на сомнение, потребен за отворање истрага, да процесуира дејствија во насока на расветлување на кривични дела за кои цени дека имало или немало доволен број материјални докази.

360°: Има ли простор да заклучуваме дека станува збор за слаба, тенко подготвена кривична пријава од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал и корупција во рамките на МВР, којшто еве, соодветно на евентуална слаба кривична пријава, веројатно е со слаби капацитети?
Панче Тошковски: Апсолутно не.
360°: Вие сте задоволен од капацитетот на Одделот?
Панче Тошковски: Во конкретниот случај мислам дека и тоа како има поднесено кривична пријава којашто има докази за сторен криминал и мислам дека тоа ќе се докаже во рамки на процесуирањето од страна на Јавното обвинителство и во иднина од страна на судот.
360°: Еве, мала индискреција, да речеме, јас разговарав со луѓе вклучени во истрагата за тој случај. Тие велат дека кривичната пријава поднесена од Финансиската полиција била многу подобра, поиздржана, посоодветна отколку кривичната од МВР. За истиот случај и двете институции поднесоа кривична пријава.
Панче Тошковски: Видете, јас не би шпекулирал кој за конкретна ситуација поднел подобра кривична пријава. Јас би бил презадоволен кога на крајот на денот криминалците ќе бидат таму каде што им е местото, а сите оние што се двоумат во иднина дали да сторат или да не сторат нешто на буџетот на државата, ќе ги земат за пример оние што се таму каде што им е местото.
360°: Ама не е небитно дали МВР поднесува паушални кривични пријави или издржани кривични пријави?
Панче Тошковски: Еднаш засекогаш треба да сфатиме во оваа држава дека секој треба да си ја работи работата за којашто има утврдено законски надлежност. Ако Министерството за внатрешни работи, во рамки на утврдените сомнежи коишто се поткрепени со соодветни докази, не процесуира соодветна кривична пријава, тогаш не би си ја работела работата којашто треба да ја работи по закон. Јас воопшто не ценам дека немало или била слаба или слабо поткрепена кривичната пријава. Напротив, сметам дека на степен на кривична пријава во дел на материјални докази и тоа како беше поткрепена за сите поименично наведени лица за коишто беше поднесена пријавата.
360°: Министре, но и вие знаете дека не е исто дали кривичната ја поднесува МВР или ја поднесува обичен граѓанин, така? И од МВР се очекува кога ќе поднесе кривична пријава, таа навистина да биде издржана. Значаен дел од кривичната не ви е сега предмет на истрага на Јавното обвинителство.
Панче Тошковски: Вие го знаете тоа?! Јас не го знам дека е така.
360°: Јас ги споредував соопштението што го имате истакнато на веб-страницата на МВР за вашата кривична пријава и соопштението од Јавното обвинителство за тоа за што е истрагата и се гледа голема разлика.
Панче Тошковски: Па, не би се сложил.
360°: Е па, еве, вие го пријавивте и поранешниот премиер, тој, да речеме, не е опфатен со истрагата. За Димитар Ковачевски станува збор. Во дел од пријавата некои од осомничените ги товарите и за основањето на трговските друштва. Тоа не е дел од истрагата. Така што, тоа не се неважни аспекти од вашата кривична пријава коишто сега Јавното обвинителство не ги третира, во досегашната истрага.
Панче Тошковски: Не би се сложил од аспект на материјалните елементи во рамки на овие дејствија коишто поименично ги наведовте, но пак ќе повторам – јас не би можел да излезам надвор од законските надлежности на Министерството за внатрешни работи и на Јавното обвинителство. Па, не верувам дека има било кој експерт во фелата што очекува дека Министерството за внатрешни работи треба да поднесе обвинение за некого. А само во тој случај би имале доволен степен на основа на сомнение, согласно материјални докази, за да може да се процесира акт на судот. Јас не очекувам дека некој очекува Министерството за внатрешни работи да донесе пресуда.
360°: Но, кога МВР поднесува кривична пријава, тој човек е веќе оцрнет, тој веќе има дамка. Ќе се согласите со тоа.
Панче Тошковски: Ќе се согласам со тоа дека кога МВР поднесува кривична пријава, треба да има одреден степен на сомнение во рамки на коешто мора да имаме поткрепа со соодветни материјални докази. И тврдам, за секој еден за којшто е поднесена кривична пријава, имало и тоа како поголем број материјални докази.
