При неодамнешната посета на СВР Охрид, од страна на раководството бев запознаен со проблемот со просторните услови за работа на вработените, како и недостатокот на паркинг-простор и тесниот пристап до постоечкиот објект, особено во летниот период кога има голем број туристи во градот, соопшти министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
По увидот на објектите на СВР Охрид, Тошковски рече оти бил информиран дека со одлука на Владата во 2022 година на МВР се доделени дел од објектите во касарната во Охрид кои не се користат. Министерот најави реконструкција и изградба на катна гаража и парк.

„Заедно со Кирил Пецаков – градоначалник на Општина Охрид и пратеникот и носител на ВМРО-ДПМНЕ во изборната единица 5, Ѓорѓија Сајкоски, извршивме увид на објектите во касарната и заклучивме дека идната влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ во координација со МВР и Општина Охрид ќе ги преземе сите неопходни мерки за реконструкција на објектот со цел СВР Охрид да биде преместен во нови, подобрени и посоодветни простории за работа, а на местото на постоечкиот објект каде во моментот се наоѓа СВР Охрид да се изгради катна гаража и парк за рекреација на граѓаните“,
рече Тошковски.
Претходно, Тошковски беше во посета на ОВР Струга, каде што зборувале за тековната работа, постигнатите резултати, како и за проблемите со кои се соочуваат.
„Како позначаен постигнат резултат во делот на сузбивање на криминал поврзан со недозволена трговија со дрога и оружје, го истакнаа апсењето на 23 лица на територија на ОВР Струга во координирана акција со Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал. Што се однесува до материјално-техничките средства, го потенцираа недостатокот на возила, особено во ПО Велешта, кое покрива голема територија, а во моментот нема ниту едно возило. Од аспект на човечки ресурси, и овде пополнетоста е на многу ниско ниво“,
соопшти Тошковски.

Во насока на претстојните избори, министерот образложи дека е направен план за безбедно спроведување на изборниот процес и се преземаат мерки за прибирање сознанија за евентуални изборни нерегуларности.
