Избегнувајќи да сподели повеќе информации во врска со тоа што е утврдено досега, со образложение дека во спротивно би можел да ги наруши предистражната и истражната постапка, кои, како што кажа, се во тек, министерот за внатрешни работи во вечерашното гостување во централниот Дневник на ТВ Сител, одговарајќи на прашање кога се очекува разрешница на случаите, кусо одговори: „Па, почнато е да се одмотува“
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски вели дека не го демантирал премиерот Христијан Мицкоски околу неговите изјави дека зад последните пожари стојат структури од државата и надвор од неа, додавајќи оти е факт дека „имаме мултистранични напади на државата од повеќе аспекти.

„Дека има хибриден напад во Македонија кон државата, има. И тоа е факт. Никогаш во изминатиот период на оваа тема нити сум го демантирал премиерот, нити премиерот кажал невистини и паушални изјави поврзани со оваа тема“,
рече Тошковски во вечерашното гостување во централниот Дневник на ТВ Сител.
Избегнувајќи да сподели повеќе информации во врска со тоа што е утврдено досега, со образложение дека во спротивно би можел да ги наруши предистражната и истражната постапка, кои, како што кажа, се во тек, Тошковски одговарајќи на прашање кога се очекува разрешница на случаите, кусо одговори:
„Па, почнато е да се одмотува“,
рече тој.
Прашан во врска со критиките од опозицијата дека тезите на власта оти пожарите се подметнуваат во политички цели се само манипулација на јавноста, министерот за внатрешни работи повторно беше краток во одговорот, велејќи: „Ќе видиме тоа“.
„Ќе видиме дали е манипулација и дали зад овие пожари стојат и политички структури. Ќе видиме за брзо“,
рече Тошковски.
За тоа дали мотивот за овие хибридни закани преку пожари, а со тоа и нарушување на здравјето на луѓето и на животната средина, е за да се сруши оваа влада, министерот за внатрешни работи рече дека има и такви индиции.
На забелешка на новинарот дека е многу штур во одговорите, Тошковски изјави дека е министер за внатрешни работи, а не министер за култура и мора да внимава што зборува, особено во оваа фаза од предистражната и истражната постапка.
Претходно, говорејќи околу прашањето дали станува збор за хибридни напади, министерот за внатрешни работи кажа дека има многу факти кои одат во насока дека најверојатно не се работи за случајности.
„Факт е дека имаме мултистранични напади на државата од повеќе аспекти. Јас ќе говорам само за факти. Факт е дека кога почнаа пожарите, првиот ден имвме на најмалку шест-седум различни места, критични витални точки, особено за Скопје и за државата, каде што имавме подметнати пожари. Факт е дека последните два-три дена ни гореа четири ризични точки од кои три депонии, што легални, што диви, и една фабрика за рециклирање на електронски отпад. Факт е дека на една од овие точки токму дента кога е настанат пожарот механизацијата не била во функција. Факт е дека оние коишто требало да опсервираат, една од овие четири критични точки, согласно закон и согласно подзаконски акти, дента кога настал пожарот, дел биле на боледување, дел не биле на работа, дел биле на други места итн. Факт е дека на одредени столбови на кои имало одредени средства за набљудување, биле случајно турнати. Ова се премногу случјаност за да ние се убедиме дека ова не е со поинаква намера од она што некои се обидуваат да прикажат во јавноста“,
рече министерот за внатрешни работи.

Прашан за лицето кое е снимено на безбедносна камера како го предизвикува пожарот во сервисот за возила во населбата Пинтија, Тошковски рече дека во овој момент не би можел да сподели повеќе детали.
„Македонската јавност будно ги следи овие настани, исто како што јас како човек којшто, да речеме будно, ја следам целокупната состојба и во најмала рака е многу симптоматична, така и на македонскиот народ му е многу симптоматична. Работиме на тоа, имаме сомнежи, основи на сомнение и индиции за сето ова што го говориме во изминатиот период. Има една поголема група на луѓе коишто на ваков или на таков начин се инволвирани“,
кажа Тошковски.
На прашањето дали ако овие диверзии во рамките на тие хибридни напади се дел од структури во и надвор од земјава, се поврзани со одредени политички стуктури во земјава, министерот за внатрешни работи рече дека во овој момент не би можел да потврди, ниту би можел да негира.
„Да оставиме истрагата да си го сработи своето, односно да оставиме и на иснпекторите во рамки на СВР Скопје и на инспекторите во рамки на (Одделот за) организиран криминал да го сработат она што им е работа, па ќе видиме“,
кажа министерот.
Тој беше дециден дека овие настани нема да имаат влијание на претстојните локални избори.
Во однос на барањето на премиерот Мицкоски за измени во Кривичниот законик со кои подметнувањето пожар ќе се оквалификува како тероризам, министерот за внатрешни работи рече дека апсолутно поддржува заострување на казнената политика за ваков вид кривични дела.
„Многу е добар предлогот и на премиерот и на парламентарната група на ВМРО-ДПМНЕ во делот на заострување на казните коишто се предвидени за ваков тип на криминал. Во пракса и Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство обично оди со полесни квалификации, а до душа и самиот законодавец има поблаги, вака да кажеме, максимални и минимални канзи кои ги има предвидено за ваков тип на кривични дела“,
изјави Тошковски, додавајќи оти смета дека заострените казни ќе делуваат и превентивно во иднина.