Министерот говореше и за „Безбеден град“ и посочи дека со овој проект за многу краток период ќе се смени односот на македонските граѓани во делот на почитување на сообраќајните правила
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски смета дека откако ВМРО-ДПМНЕ е на власт стапката на криминал во државата е намалена, а тоа, како што вели, се должи на неселективната примена на законските прописи и професионалноста.

Според него, Македонија сега е безбедна држава за разлика од претходно, посочувајќи на многуте акции спроведени од страна на Министерството за внатрешни работи.
„Мислам дека македонските граѓани прават разлика помеѓу она што го начекавме, она што го оставија овие пред нас и она кое што ние го работиме сега. Сметам дека сите оние акции коишто ги спроведовме, како од аспект на борба против организиран криминал и особено висока корупција и злоупотреба на државни институции во минатото, сите оние акции коишто ги спроведовме во делот на уличниот криминал, потоа на борбата против трговија со дрога, трговија со луѓе, бандите коишто ги разбивме, му даваат една надеж на македонскиот народ дека можело и поинаку. Гледаат дека со посветеност, со макотрпна работа, со професионален пристап можело и поинаку и да се дадат резултати“,
рече Тошковски во своето гостување во поткастот „ВМРО-ДПМНЕ зборува“.
Министерот говореше и за „Безбеден град“ и посочи дека со овој проект за многу краток период ќе се смени односот на македонските граѓани во делот на почитување на сообраќајните правила.
„Јас искрено многу верувам во овој проект ‘Безбеден град’. Кога ќе го имплементираме како решение, јас сум убеден дека за многу краток временски период ќе го смениме менталитетот и односот на нашите граѓани во делот на почитување на сообраќајни правила. Со имплементација на овој систем нема да има опција за избегнување на казна“,
рече Тошковски.