Претходно премиерот Христијан Мицкоски рече дека целокупната тендерска документација во врска со тендерот за полициските униформи ќе биде ставена на увид на јавноста
Министерството за внатрешни работи е транспартентно и ќе остане транспарентно во текот на целата постапка – изјави денеска министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во врска со случајот со тендерот за униформи за специјалните единици на МВР што го доби фирма формирана 20 дена пред неговото распишување.

Тошковски го повика Обвинителството и надлежните институции да појдат во одделот за јавни набавки при МВР и да ги погледнат сите документи поврзани со набавката на униформи.
„Уште еднаш ги повикам Јавното обвинителство и сите останати институции кои имаат надлежност во овој дел да дојдат во рамки на Министерството за внатрешни работи, во одделот што ги спроведува овие јавни набавки, да ги видат сите документи што се поврзани со предметната набавка. МВР е транспарентно и ќе биде транспарентно во целост на оваа постапка. Сите документи поврзани со тендерот за униформи за МВР се јавно достапни“,
изјави Тошковски при денешната посета на граничниот премин „Јажинце-Глобочица“.
Претходно денеска премиерот Христијан Мицкоски рече дека целокупната тендерска документација во врска со тендерот за набавка на полициските униформи ќе ѝ биде ставена на увид на јавноста. Премиерот ги повика надлежните да го испитаат случајот, а на министерот за внатрешни работи му порача да ги викне невладините организации и да ги стави на јавен увид тендерските документации.
Опозицискиот СДСМ денеска достави документи до ДКСК и побара антикорупционерите да постапат во врска со случајот со тендерската постапка за униформи за специјалните единици на МВР.