Според него, нападите од СДСМ се очајни, неосновани и политички мотивирани. Тој обвинува дека постојаните барања за негова оставка се обид да се прикрие сопствениот неуспех на партијата и стравот од одговорност
„Нема да бидам изненаден ако СДСМ утре излезе со итно соопштение дека јас сум лично одговорен и за недостигот на сончеви зраци во Скопје“, вели министерот

Нема да си поднесам оставка. Ова е одговорот што министерорт за внатрешни работи Панче Тошковски го даде на барањето на СДСМ за негова оставка по денешниот оружен инцидент во Куманово.
Тошковски, преку објава на неговиот фејсбук-профил, вели дека ќе продолжи со решавање на проблемите и расчистување на, како што вели, нередот што го оставиле од СДСМ.
„За вас политиката е шоу, за нас е одговорност“,
вели Тошковски.
Според него, нападите од СДСМ се очајни, неосновани и политички мотивирани. Тој обвинува дека постојаните барања за негова оставка се обид да се прикрие сопствениот неуспех на партијата и стравот од одговорност.
Тошковски смета дека хистеријата што ја гледа е „очај маскиран во соопштение“, особено во контекст на падот на поддршката на СДСМ во анкетите.
Министерот вели дека повеќе од една година постојаната реторика на СДСМ се сведувала на „папагалско повторување на зборовите: ‘Оставка за Тошковски!’“ без разлика на темата.
„Нема да бидам изненаден ако СДСМ утре излезе со итно соопштение дека јас сум лично одговорен и за недостигот на сончеви зраци во Скопје“,
пишува Тошковски.
Тој посочи дека таквите „небулози“ покажуваат колку е изгубена партијата која нема аргументи, па се обидува да произведе скандал од секој случај. Истата матрица ја гледа и во обидите да се прикаже дека припадници на МВР воделе партиски состаноци.
„Тоа не е загриженост за институцијата, тоа е страв од институција што конечно не им е под команда“,
наведе Тошковски.
Тошковски ја осуди реакцијата на СДСМ по денешниот инцидент со пукање во Куманово, за кој вели дека веднаш го претвориле „во нова доза на политичка хистерија“.
„Пред да заврши увидот, пред да се појават првичните наоди, тие веќе бараат оставка. За нив секој трагичен настан е средство за политичка пресметка и наместо за момент да покажат барем минимална човечност и почит, веднаш трчаат пред камери. Тоа не е грижа за државата, тоа е очај маскиран во политика“,
стои во објавата.
Министерот смета дека на СДСМ им пречи тоа што „конечно институциите работат, а правдата им тропа на врата“.
Тој во објавата упати неколку прашања до СДСМ.
„Дали ви смета што се покренати кривични постапки против корумпирани судии и обвинители? Дали ви смета што се расчистени 14 криминални банди кои се занимаваа со дрога, трговија со луѓе и тешки убиства, токму додека министер за внатрешни работи беше човек од СДСМ? Дали ви смета што се поднесени кривични пријави против поранешен министер за култура, поранешен директор на ЕСМ, поранешен директор на затвор, поранешни градоначалници, корумпирани директори на здравствени и други државни институции кои сметаа дека и оваа власт ќе продолжи исто како вас да го поддржува, а не да се бори со криминалот и корупцијата?“,
се прашањата што ги наведува Тошковски.
Тошковски смета дека на СДСМ не им пречи начинот на кој работи, туку резултатите од таа работа, бидејќи, како што вели, МВР повеќе не е алатка за остварување на теснопартиски интереси.
Министерот ја повика СДСМ да поднесе трета интерпелација за него, откако претходно тоа го направија Левица и ДУИ.
„Јас сум првиот министер во историјата на Македонија кој за една година преживеал две интерпелации – една од Левица и една од ДУИ. Очигледно, единственото што недостига за да ја заокружите оваа ‘необична коалиција’ е СДСМ да се приклучи со своја трета интерпелација која ќе биде уште една шанса да ги спротивставиме вашите осум години хаос и уништување на системот со нашите година и половина мерливи резултати“,
додава тој во објавата.
Тошковски најави дека резултатите од локалните избори, кои доаѓаат за десетина дена, ќе покажат кој работел, а кој само ширел паника и хистерија.
Инаку, СДСМ денеска преку соопштение побара политичка одговорност од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. Причина за ваквото барање, како што наведуваат, е оружениот инцидент што се случи денеска во Куманово, а во кој едно лице беше повредено.
Од СДСМ сметаат дека инцидентот во Куманово е најсериозен во пресрет на локалните избори кој внесува сериозна загриженост за јавниот ред и мир и безбедноста на граѓаните.
„Се случува тотален распад на безбедносниот систем и фијаско на министерот Панче Тошковски“,
рекоа од СДСМ.
Од СДСМ велат дека вакви инциденти не се изолирани и ја покажуваат целосната неспособност на Тошковски и на ВМРО-ДПМНЕ.