Министерот за внатрешни работи информира дека изборниот ден поминал без посериозни инциденти. Приведени се вкупно 11 лица, во повеќето случаи поради поткуп, фотографирање или уништување на гласачко ливче. Четворица од нив се ослободени, а седум се задржани на понатамошна постапка
Македонија покажа демократска зрелост и политичка култура – порача министерот за внатрешни работи Панче Тошковски по затворањето на избирачките места на првиот круг од локалните избори.
На граѓаните им честита за покажаната зрелост и одговорност бидејќи, како што рече, денешните избори поминале како едни од најмирните и најбезбедните во поновата историја на државата.

„Денес покажавме дека кога институциите функционираат, демократијата е сигурна. Да им честитам на сите граѓани за нивната зрелост и одговорност и за посветеноста на вработените на МВР. Ја видовме сликата на една безбедна и демократска држава која докажа дека знае да спроведе избори какви што ѝ доликуваат“,
порача Тошковски.
Министерот информира дека во текот на изборите започнале навреме на сите избирачки места освен на 84, каде што имало технички проблеми и задоцнување до максимум два часа. Вкупно се регистрирани 29 прекини на гласањето за време од 15-ина до 30 минути, најчесто поради технички проблеми со уредите за идентификација.
„Пријавени се вкупно 91 настан на територија на Македонија од кои најголемиот дел се однесуваат на агитирање и можен поткуп, а дел на фотографирање на гласачкото ливче, лепење плакати и упатување закани. По преземени мерки, за 42 од пријавените случаи постапките се завршени. Во тек се активности по останатите случаи во соработка со Обвинителството и останатите органи“,
информира Тошковски.
Во текот на денот се приведени 11 лица, во повеќето случаи поради поткуп, фотографирање или уништување на гласачко ливче. Четири се ослободени, а седум се задржани на понатамошна постапка.
„Пријавени се и седум настани со наводна инволвираност на полициски службеници, од кои за шест е утврдено дека не постојат неправилности, а за еден случај се преземаат мерки. Секторот за компјутерски криминал регистрираше 19 објави на социјалните мрежи и интернет-просторот кои се предмет на понатамошна проверка“,
додаде министерот за внатрешни работи.
Овие податоци, како што рече Тошковски, потврдуваат дека денешниот изборен процес помина во мирна, фер и демократска атмосфера без ниту еден посериозен инцидент или нарушување на јавниот ред и мир.