Од партијата прашуваат уште колку луѓе ќе треба да настрадаат за Тошковски да почувствува одговорност и да поднесе оставка
Министерот на внатрешни работи Панче Тошковски без око да му трепне соопшти дека не чувствува никаква одговорност за колапсот на безбедносниот систем и фактот што на улиците се пука како да сме Див Запад, велат денеска од опозицискиот Социјалдемократски сојуз (СДСМ). Оваа реакција на партија следи откако Тошковски вчеравечер им одговори дека нема да си поднесе оставка по вчерашниот оружен инцидент во Куманово, во кој едно лице е повредено.

Според опозицијата, последиците од партизацијата на полицијата и претворањето во партиски сервис на ВМРО-ДПМНЕ скапо ги чини граѓаните.
„До кога мисли Тошковски да се крие за политички реторики додека улиците стануваат небезбедни за граѓаните. Не е само последното пукање во Куманово, неприкинатиот раст на вооружените и насилни инциденти во различни градови е сигнал за целосно системско потфрлање на безбедниот апарат. Нема ниту превенција, ниту соодветна реакција“,
се вели во соопштението од СДСМ.
Од партијата прашуваат уште колку луѓе ќе треба да настрадаат за Тошковски да почувствува одговорност и да поднесе оставка.
Министерот, преку објава на неговиот фејсбук-профил, рече дека нема да поднес еоставка и ќе продолжи со решавање на проблемите и расчистување на, како што вели, нередот што го оставиле од СДСМ.
Според него, нападите од СДСМ се очајни, неосновани и политички мотивирани. Тој обвинува дека постојаните барања за негова оставка се обид да се прикрие сопствениот неуспех на партијата и стравот од одговорност.
Повеќе од една година вели дека постојаната реторика на СДСМ се сведувала на „папагалско повторување на зборовите: Оставка за Тошковски! без разлика на темата.
„Нема да бидам изненаден ако СДСМ утре излезе со итно соопштение дека јас сум лично одговорен и за недостигот на сончеви зраци во Скопје“,
рече тој.
СДСМ вчера побара политичка одговорност од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. Причина за ваквото барање, како што наведуваат, е оружениот инцидент што се случи во Куманово, што според нив, е најсериозен во пресрет на локалните избори кој внесува сериозна загриженост за јавниот ред и мир и безбедноста на граѓаните.