Според него, добро е што Арсовска соработува со Одделот за заштита на определени лица и објекти – ОЗОЛО, кој 24 часа се грижи за нејзината сигурност. Додаде и дека МВР, по препорака од Агенцијата за национална безбедност (АНБ), ѝ додели обезбедување и покрај тоа што не го побара
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски вели дека градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, веќе неколку дена одбива да соработува со полициските службеници од Одделот за внатрешна контрола при Министерството за внатрешни работи (МВР), како и избегнува да даде изјава, која е нужна во врска со инцидентот што минатата недела се случи во скопски Чаир, кога таа беше вербално и физички нападната.

„Факт е дека полициски службеници од Одделот за внатрешна контрола при МВР веќе неколку дена се во објектот на градската управа и не успеваат да обезбедат писмена пријава и изјава од страна на градоначалничката за нејзината изјава дека полициските службеници не постапувале во случајот од петокот. Таа изјава тие неколку дена не ја добиваат, а е нужна за да можеме да ги преземеме сите дејствија што се во надлежност на Одделот, што го преиспитува професионалното работење на полициските службеници“,
вели министерот.
Советничката Ирена Витина, како што додаде, дала изјава поврзана со дејствија за непостапување на полициски службеници, кои се изнесени во јавноста и се поврзани со неа.
„Таа изјавата ја дала во текот на вчерашниот ден и Одделот за внатрешна контрола постапува во насока на тоа што го има кажано советничката“,
кажа тој.
Според него, добро е што Арсовска соработува со Одделот за заштита на определени лица и објекти – ОЗОЛО.
Посочи дека таа има 24-часовно обезбедување што се грижи за нејзината сигурност.
„МВР, по препорака добиена од Агенцијата за национална безбедност (АНБ), ѝ додели обезбедување и покрај тоа што не го побара. Сето тоа го правиме во насока на заштита на нејзината безбедност“,
вели Тошковски.
Според него, МВР постапило по сите пријави што досега ги поднела градоначалничката Арсовска.
„Таа има јавно објавено дека едно лице, полициски службеник и се има заканувано преку социјални мрежи. Во врска со тоа и без оглед на тоа што нема писмено известување или усно пријавување од нејзина страна до МВР, службеници од Одделот за внатрешна контрола отидоа до Град Скопје во врска со тој предмет, постапија соодветно, се обратија до Секторот за компјутерски криминал и утврдија фактичка состојба. Утврдија дека полицискиот службеник навистина постапил спротивно по закон и за него е отпочната дисциплинска постапка, која институционално ќе се разреши во рамки на МВР“,
вели министерот.
За предметот во кој градоначалничката пред месец и половина пријави дека ѝ се заканувало одредено лице што било присутно на терен додека таа извршувала активности согласно нејзините надлежности, Тошковски вели дека МВР уште тогаш има поднесено соодветна кривична пријава.
Во врска со случајот од минатата недела, кога градоначалничката соопшти дека е нападната, како што додава Тошковски, МВР постапи согласно своите задолженија, односно постапи по насока на јавен обвинител и достави кривична пријава за предметното лице, по што Јавното обвинителство достави предлог за определување мерки до судија на претходна постапка, кој утврди куќен притвор, што по жалба е променето и е утврден ефективен притвор на лицето.
„Факт е дека МВР постапило по секој еден предмет по кој градоначалничката јавно информирала. Факт е дека МВР постапува по сите предмети каде добиваме наредба од Јавното обвинителство или имаме соодветни информации, каде самите преземаме одредени дејствија“,
вели тој.
За инцидентот во скопски Чаир, кој се случи минатиот петок, каде што градоначалничката на Скопје била заедно со (градежниот) инспекторатот на Град Скопје и со двајца униформирани полициски службеници на Министерството за внатрешни работи, Арсовска вели дека прво била физички нападната од одредено лице, а потоа истото продолжило грубо да ѝ се заканува на неа, но и на другите присутни службени лица од Град Скопје.
Полицајците, тврди градоначалничката, не реагирале на заканите и му дозволиле на лицето да се јавува на телефон и да се заканува.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски истиот ден рече дека во врска со настанот во Чаир во полициска станица е приведено лицето што го посочува Арсовска, како и две други лица кои се заканувале и дека се преземаат мерки за утврдување на сите факти.