„Правилата за толеранција односно безбедносните разлики кои мора да се одбијат за конкретен прекршок да биде формално правно издржан се и сега регулирани во Правилникот од областа на метрологијата и кои, согласно разговори со експерти и луѓе од струката, мислам дека ќе прифатиме да останат истите. Тие се важечки и сега“, изјави министерот за внатрешни работи во интервју за „Топ тема“
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски информира дека толеранцијата на камерите од системот „Безбеден град“, односно отстапувањата кои ќе се применуваат при констатирање сообраќаен прекршок ќе бидат идентични како веќе постоечките кои се применуваат кај останатите полициски радари.

„Правилата за толеранција односно безбедносните разлики кои мора да се одбијат за конкретен прекршок да биде формално правно издржан се и сега регулирани во Правилникот од областа на метрологијата и кои, согласно разговори со експерти и луѓе од струката, мислам дека ќе прифатиме да останат истите. Тие се важечки и сега“,
изјави министерот за внатрешни работи во интервју за „Топ тема“.
Тоа, како што вели Тошковски, согласно постоечката регулатива, значи толеранција до 6 км/ч каде што е дозволена брзина до 100 км/ч, понатаму 8 км/ч каде што е дозволена брзина над 100 км/ч и толеранција од 12 км/ч каде што е дозволена брзина на движење на моторно возило над 200 км/ч.
„Ако одредено возило е управувано со 57 км/ч, а е дозволено 50, камерата за мерење на брзината ќе констатира прекршок. Доколку возилото е управувано со 56 км/ч, електронскиот систем нема да го констатира како прекршок. Но она што е важно е дека доколку, еве јас управувам моторно возило со 53 км/ч на место каде што е дозволено 50, сообраќаен прекршок нема да биде евидентиран затоа што нема да ме фати радарот или камерата, но не дај боже, доколку сторам одредена материјална штета – повредам пешак или велосипедист, јас ќе одговорам соодветно согласно одредбите од Кривичниот законик“,
додава министерот.
Тошковски најави дека наскоро ќе биде пуштена дигитална платформа преку која граѓаните ќе може да следат на кои критични точки се поставени камерите за мерење на брзината на движење, како и камерите кои детектираат поминување на црвено светло. Преку апликацијата, како што рече, граѓаните ќе може и да ги ажурираат податоците како телефонски број или мејл-адреса кои се поврзани со имплементација на „Безбеден град“,
На прашање дали службените возила ќе бидат процесуирани од системот „Безбеден град“, министерот за внатрешни работи вели дека кога овие возила ќе постапуваат во рамки на своите оперативни делувања нема да бидат регистрирани, но во спротивно ќе бидат детектирани.
„Тоа значи дека секое службено возило на брза помош, пожарна, полиција, на Министерство за одбрана итн, при вршење на службени дејствија нема да биде дел од системот, доколку тоа се оправда согласно целисходноста на нивното делување во рамки на нивните службени дејствија. Но, доколку нивните службени дејствија не оправдуваат брзо возење секако дека ќе бидат казнети. Тоа значи дека ќе бидат во системот, но системот ќе детектира и ќе процесуира казна доколку станува збор за регуларно управување со моторно возило во рамки на регуларните потреби на која било институција“,
посочи Тошковски.
Во интервјуто за „Топ тема“, министерот изјави дека имплементирањето на проектот „Безбеден град“ заедно со одржувањето во периодот од 2008 до 2025 година, ги чинело граѓаните околу 85 милиони евра. Сепак, како што рече, деталите за бројот и цената на камерите остануваат класифицирани.
