Петтиот кандидат, судијата Владимир Панчевски, уште пред почетокот на разгледувањето на кандидатурите беше исклучен од натамошната постапка поради неисполнување на условите бидејќи нема континуиран стаж

Обвинителките Анита Тополова-Исајловска, Ленче Ристоска и Лидија Раичевиќ и судијата Ненад Савески ја продолжуваат трката за нов државен јавен обвинител, откако Советот за јавни обвинители даде позитивно мислење за нив, што потоа ќе го достави до Владата.
Позитивно мислење за кандидатите Тополова-Исајловска, Ристоска и Савески дадоа сите десетмина членови на Советот. Единствено кандидатката Раичевиќ доби 9 гласа „за“, бидејќи негативно во однос на нејзината кандидатура се изјасни членката на Советот, Кети Петкова.
Петтиот кандидат, судијата Владимир Панчевски, уште пред почетокот на разгледувањето на кандидатурите беше исклучен од натамошната постапка поради неисполнување на условите.
Имено, како што соопшти претседателот на Советот, Башким Бесими, освен општите секој кандидат мора да ги исполнува и посебните услови, а еден од нив е да има непрекинат јавнообвинителски и стаж како судија.
За Панчевски било утврдено дека не го исполнува овој услов бидејќи нема континуиран стаж, односно има прекини во извршувањето на функцијата судија, а која не ја врши ниту сега.
