Под влијание на топол бран од југ до сабота (26.07) времето ќе биде сончево и многу топло со мала до умерена локална облачност. Дневната температура насекаде ќе биде над просекот за месец јули

Времето денеска ќе биде сончево и многу топло. Ќе дува слаб до умерен, а во западните делови повремено засилен ветер од југозападен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 13 до 21, а максималната ќе достигне од 35 до 42 степена.
Во Скопје, времето ќе биде сончево и многу топло со слаб до умерен ветер од југозападен правец.
Високи температури нè очекуваат и во наредните денови.

Управата за хидрометеоролошки работи извести дека земјава ќе биде под влијание на топол бран до сабота (26.07). Дневната температура насекаде ќе биде над просекот за месец јули.
Министерството за здравство даде повеќе препораки за заштита на населението од високи температури, меѓу кои престојување во затворени, разладени простории, особено во периодот од 11 до 17 часот, внесување доволно течности, избегнување алкохол и засладени пијалаци, носење лесна, светла облека и користење заштита за глава и очи.
Се препорачува и избегнување физичка активност во најтоплите часови од денот, посветување внимание на деца, стари лица, лица со хронични заболувања и бремени жени, да се одложат активности на отворено во најтоплиот дел од денот и да се обезбедат микроклиматски услови (разладени простории со температура до 25 степени Целзиусови) на работното место и во домот. Во случај на симптоми како вртоглавица, главоболка, гадење или забрзан пулс веднаш да се побара медицинска помош.