„Ние целосно ја поддржуваме Северна Македонија на нејзиниот пат кон ЕУ. Можете да сметате на нас. Следниот и единствен чекор пред почетокот на преговорите е јасен. Треба да ја направите договорената уставна промена. Топката е во вашиот двор. ЕУ е подготвена“, напиша претседателката на ЕК на платформата Икс по средбите со државниот врв на земјава
Премиерот Христијан Мицкоски на средбата со претседателката на ЕК посочил дека државата очекува од Европската Унија јасна и конкретна посветеност, како потврда на европската перспектива и „поддршка за граѓаните кои со децении остануваат посветени на европските вредности“, соопштија од Владата
Европската Унија (ЕУ) е подготвена за преговори со С Македонија, но топката е во вашиот двор, порача претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, по денешните средби со македонскиот државен врв во Скопје.

Бидејќи по средбите, конкретно онаа со премиерот Христијан Мицкоски, не беа предвидени изјави за медиумите, своите пораки Фон дер Лајен ги соопшти преку две објави на платформата Икс. Во едната таа конкретно се осврна на евроинтеграциите на земјава, додека во другата ги најави проектите и придобивките за земјава во рамките на Планот за раст.
Потврдувајќи ја поддршката на Европската Унија за Северна Македонија на нејзиниот пат кон Унијата, Фон дер Лајен вели дека единствениот чекор што треба да го направи земјава пред почетокот на преговорите е да ја направи договорената промена на Уставот.
„Ние целосно ја поддржуваме Северна Македонија на нејзиниот пат кон ЕУ. Можете да сметате на нас. Следниот и единствен чекор пред почетокот на преговорите е јасен. Треба да ја направите договорената уставна промена. Топката е во вашиот двор. ЕУ е подготвена“,
напиша Фон дер Лајен на Икс.
We remain fully behind North Macedonia on its EU path.
— Ursula von der Leyen (@vonderleyen) October 15, 2025
You can count on us.
The next and only step before the opening of the negotiations is clear.
You need to make the agreed constitutional change.
The ball is in your court. The EU is ready. pic.twitter.com/s890meaZLP
Во меѓувреме, како што напиша претседателката на Европската комисија, ЕУ продолжува со приближувањето на земјава кон Брисел преку Планот за раст.
Таа уште еднаш ја потврди најавата дека во Скопје се отвора фабрика за вештачка интелигенција, дека земјава се вклучува во Единствената платежна зона на Европа, како и дека Северна Македонија од ЕУ добива 16 милиони евра, благодарение на направените реформи.
„Во меѓувреме, ја приближуваме вашата земја до нас. За тоа се работи во Планот за раст! Отвораме антена за фабрика за вештачка интелигенција во Скопје. Ве вклучуваме во Единствената платежна зона на Европа. И исплаќаме 16 милиони евра благодарение на реформите што ги направивте“,
вели Фон дер Лајен.
In the meantime, we’re moving your country closer to us.
— Ursula von der Leyen (@vonderleyen) October 15, 2025
That’s what the Growth Plan is all about!
We’re opening an AI Factory antenna in Skopje.
We’re including you in Europe’s Single Payment Area.
And we’re disbursing 16 million euros thanks to the reforms you have made. pic.twitter.com/YhpaV89vtZ
Претседателката на Европската комисија во рамките на денешната официјална посета на земјава првата средба ја имаше со премиерот Христијан Мицкоски, со кого разговараше во просториите на Владата.
На средбата, како што соопштија од Владата, било разговарано за европската перспектива на земјава, напредокот во реформските процеси, економската соработка, енергетската безбедност и дигиталната трансформација.
Премиерот Мицкоски ја истакнал решеноста на Владата да ја забрза евроинтеграцијата на државата преку конкретни резултати и исполнување на европските стандарди.
Истовремено, тој посочил дека државата очекува од Европската Унија јасна и конкретна посветеност, како потврда на европската перспектива и „поддршка за граѓаните кои со децении остануваат посветени на европските вредности“.
„Посетата на претседателката на Европската комисија претставува потврда на отворениот дијалог и заемната подготвеност за продлабочување на партнерството, во интерес на стабилноста, економскиот развој и европската иднина на земјата“,
се вели во соопштението на Владата за средбата меѓу Мицкоски и претседателката на Европската комисија.

Инаку, Мицкоски завчера, одговорајќи на новинарско прашање во врска со најавата на Фон дер Лајен дека во Македонија ќе се отвора фабрика, односно центар за развој на вештачка интелигенција, рече дека станува збор за проект што го туркала Владата, односно Министерството за дигитална трансформација.
„И супер е за граѓаните во Македонија бидејќи по првпат ќе користиме наши домашни ресурси. Тоа го правевме со факултетите ФЕИТ и ФИНКИ и е нешто за кое јас навистина сум возбуден и среќен. Практично, нашите експерти, студенти, стручњаци ќе можат да ги користат и црпат ресурсите што ги има самата Европска Унија“,
рече Мицкоски.
Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски вчера го претстави проектот „Везилка“ – Национален центар за вештачка интелигенција, кој го оцени како капитален проект со историско значење за дигиталната трансформација на земјата.
Проектот, чија вкупна вредност изнесува околу шест милиони евра, се реализира со финансиска поддршка од Европската Унија, преку програмата „Хоризон Jуроп“ (Horizon Europe) и иницијативата „Еуро ХПЦ“ (EuroHPC), а е кофинансиран од Министерството за дигитална трансформација и ФИНКИ, кој е носител на проектот.
Центарот „Везилка“ ќе функционира како придружна единица на европската АИ-фабрика „Фарос“ (Pharos) со седиште во Грција, што ќе им овозможи на македонските истражувачи, компании и стартапи пристап до европски суперкомпјутери и напредни податочни простори.