Од кабинетот на Блер одбија да ја коментираат ситуацијата, но негов сојузник ги отфрли тврдењата дека поранешниот премиер нема да биде во „мировниот одбор“ поради противење од регионот, нудејќи поинакво објаснување
Поранешниот британски премиер Тони Блер сепак нема да биде дел од „мировниот одбор“ за Газа, осмислен од американскиот претседател Доналд Трамп, соопштија извори запознаени со ситуацијата додавајќи дека Блер бил отстранет по приговори од неколку арапски и муслимански држави, пишува „Фајненшл тајмс“.

Името на Блер беше единственото кое Трамп го спомна кон крајот на септември, кога го претстави својот план од 20 точки за завршување на војната меѓу Израел и Хамас, нарекувајќи го тогаш многу добар човек.
Блер го опиша планот на Трамп како храбар и интелигентен и навести дека со задоволство би прифатил улога во одборот со кој би претседавал американскиот претседател.
Некои арапски и муслимански држави се спротивставија на назначувањето на Блер поради неговиот нарушен углед на Блискиот Исток, што произлегува од неговата силна поддршка за инвазијата на Ирак предводена од САД во 2003 година. Постоеше и стравување дека Палестинците би биле маргинализирани во таквата управувачка структура.
Од кабинетот на Блер одбија да ја коментираат ситуацијата, но негов сојузник ги отфрли тврдењата дека поранешниот премиер нема да биде во „мировниот одбор“ поради противење од регионот, нудејќи поинакво објаснување.
„Тој ќе биде составен од актуелни светски лидери, а под него ќе има помал извршен одбор“,
изјавил сојузникот тврдејќи дека Блер, како поранешен премиер, не се квалификува за главниот одбор.
Според истиот извор, се очекува Блер сепак да седне во извршниот одбор заедно со зетот на Трамп, Џaред Кушнер, и советникот Стив Виткоф, како и со високи функционери од арапски и западни земји.
Можноста за отпор кон именувањето на Блер ја призна и самиот Трамп уште во октомври кога изјави:
„Секогаш сум го сакал Тони, но сакам да дознам дали тој е прифатлив избор за сите.“
Блер, кој по напуштањето на премиерската функција во 2007 година беше пратеник за Блискиот Исток, повеќе од една година самостојно работеше на планови за Газа, користејќи го својот Институт „Тони Блер“ за формулирање идеи, а се координираше со Кушнер.
Друг извор запознаен со разговорите исто така потврди дека Блер сè уште може да има позиција во идните управувачки структури.
„Може да има улога и во друго својство и тоа изгледа веројатно. Американците го сакаат, а и Израелците го сакаат“,
рече изворот.
Како дел од повоената структура за Газа, ќе биде формиран извршен одбор на чие чело ќе биде поранешниот пратеник на ОН и бугарски министер за одбрана Николај Младенов, потврдија две лица запознаени со подготовките.
Тој извршен одбор, кој не беше споменат во оригиналните планови, треба да координира меѓу „мировниот одбор“ и палестинскиот технократски одбор задолжен за секојдневното управување со Појасот Газа.
Улогата на Младенов изгледа слична на онаа што првично беше предвидена за Блер, а која вклучуваше функција на „врховен извршител“ на телото за надзор на повоената транзиција. Младенов, кој е искусен бугарски дипломат, беше специјален пратеник на ОН за блискоисточниот мировен процес од 2015 до 2020 година.
Планот на Трамп за ставање крај на конфликтот во Газа во голема мера е на чекање откако беше објавен пред повеќе од два месеци, заедно со кревкиот прекин на огнот. Појасот Газа сè уште е поделен на области под контрола на Хамас и под израелска контрола.
Иако Трамп соопшти дека останатите членови на „мировниот одбор“ ќе бидат именувани во наредните неколку дена по објавувањето на планот, тоа сè уште не се случило.
