„Јака“ работа завршил антикорупцискиот тим на СДС – го нашле мојот број што сите го знаат и е на мое име, вели Томовски
Директорот на владината Служба за општи и заеднички работи (СОЗР), Ивица Томовски, потврди дека бројот што денеска го обелодени СДСМ е негов, но повторува дека нема никаква поврзаност со фирмата „Сити аутсорсинг“.
„Јас не сум сопственик, не приходувам и немам никаква директна врска со споменатата компанија. Досега не чув каков криминал сум направил, ниту, пак, видов докази за тоа. Во тоа нивно растурање пердуви, вчера жигосаа уште една домашна компанија која не е моја, а денес јавно го објавија мојот телефонски број – број кој е познат на сите кои ме познаваат, кој го имам со години и кој е единствениот број што го поседувам, доделен пред многу години од мојот татко. На истиот тој број можеа да се јават и да се извинат, но тие одбраа да одиме по судски пат. Затоа уште еднаш повторувам: ќе одговараат, и следува тужба. ‘Јака’ работа завршил антикорупцискиот тим на СДС – го нашле мојот број што сите го знаат и е на мое име“,
вели Томовски.
Претходно денеска, СДСМ на прес-конференција објави дека меѓу телефонските броеви за контакт што ги навела фирмата „Сити аутсорсинг“ е и 078-362-710, а кога тој број ќе се провери, излегува слика на Ивица Томовски.
Опозицијата тврди дека фирмата која добила 161 тендер во вкупна вредност од 5,3 милиони евра е негова семејна. Според СДСМ, фирмата првично се викала „Сити логистик“ чиј сопственик во моментот на основањето бил Витомир Томовски од Струга, татко на Ивица Томовски, а управител бил Слободан Кутановски, нивен близок роднина. Подоцна си го сменила името во „Сити аутсорсинг“.
Вчера реагираа и од „Сити аутсорсинг“. Оттаму велат дека Томовски нема никаква деловна, кадровска или друга поврзаност со нив.
Инаку, податоците од „Бизнис мрежа“ покажуваат дека сегашен сопственик и управител на „Сити аутсорсинг“ е Милчо Стрезовски, а извесен Витомир Томовски како сопственик и Слободан Кутановски како управител се бришат на 29.12.2022 година.
Меѓу телефонските контакти поврзани со фирмата, на интернет може да се најде и бројот 078-362-710, за кој СДСМ тврдеше дека е на Ивица Томовски, а подоцна и тој го потврди тоа.
