Ги повика Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) и Јавното обвинителство да покренат случај и што побрзо да го решат, затоа што само така, како што додаде, може да ја докаже својата невиност
Директорот на владината Служба за општи и заеднички работи (СОЗР), Ивица Томовски вечерва во гостување во Дневникот на ТВ Сител најави дека ќе го тужи Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ) за обвинувањата дека фирмата „Сити аутосорсинг“, која добила 161 тендер во вкупна вредност од 5,3 милиони евра е негова семејна.

Според него, обвинувањата на опозицијата се лага и додава дека ниту тој, ниту неговиот татко немаат никва поврзаност со оваа фирма од 2022 година наваму.
Ги повика Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) и Јавното обвинителство да покренат случај и што побрзо да го решат, затоа што само така, како што додаде, може да ја докаже својата невиност.
„Не е првпат да бидам обвинуван од СДС за разни афери и што не држат вода и се невистинити. За овој случај што деновиве е актуелен ветив дека ќе покренам тужба. Уште во текот на утрешниот ден имам договорено состанок со адвокатите што ќе ги разгледаат сите можности, секој можен начин и секое можно дело да го отворат“,
кажа тој.
Говорејќи на случајот со обвинувањата дека фирмата „Сити аутосорсинг“, која добила 161 тендер во вкупна вредност од 5,3 милиони евра е негова семејна, односно на неговиот татко, Томовски вели дека тоа се невистини, како и дека татко му ја продал компанијата во 2022 година.
„Татко ми е сопственик на таа компанија од самиот почеток до 2022 година, кога ВМРО-ДПМНЕ беше опозиција. Кога влегов во круговите на повисоката политика, тој ја продава фирмата, односно ја отуѓува. Од тогаш немам никаква соственичка структура, ниту мој близок има сопственичка структура во оваа компанија, ниту јас приходувам или имам некаков интерес од неа“,
вели Томовски.
За обвинувањата на СДСМ дека негов телефонски број се појавува како контакт во фирмата, како и дека во неа работат неговиот татко, зет и внук, рече дека тој број не е во сопственост на компанијата и дека тој лично го плаќа, нешто што, додаде, може да се провери и во „Телеком“.
„И од компанијата демантираат дека тој телефонски број е во нивна сопственост. Ниту внук ми, ниту татко ми се дел од таа компанија. И тоа исто така може да провери. Со таа компанија немам никаква деловна, ниту кадровска врска“,
рече тој.
Порача дека е подготвен институциите целосно да го испитаат случајот, по што, како што вели, е убеден дека ќе добие документ што ќе ја потврди неговата невиност.
„Тие ме обвинуваат, јас демантирам, но институциите треба да одлучат и да пресудат што е вистина, а што е лага. Јас ве уверувам дека ќе добиеме документ, после кој тие ќе треба да се извинат, но без разлика дали тоа ќе го направат, како што напоменав, јас покренувам тужба“,
вели Томовски.
За наводите од страна на СДСМ дека парите од тендерите се уплаќани на сметка на ВМРО-ДПМНЕ, односно дека тој е редовен донатор на ВМРО-ДПМНЕ , вели дека тој во текот на целиот живот е донатор на партијата.
„Не гледам никаков криминал во тоа нивното толкување“,
кажа тој.
Додаде дека дека нема информации на кои тендери учестувала и ги добила посочената компанија.
На новинарско прашање дали се точни шпекулациите дека тој е еден од најсериозните кандидати за нов генерален секретар на партијата, рече дека тоа ќе го одлучат претседателот и органите на партијата.
Говорејќи за промената на табличките на службените возила и како тоа ќе се регулира во новововедениот систем „Безбеден град“, рече дека табличките во боја прво се тестирани дали ги читаат камерите на „Сејф Сити“, па откако го утврдиле тоа, почнала нивната изработка.
„Досега има над 3 000 возила што ги промениле табличките. И оние што не ги промениле кога ќе дојде моментот на повторна регистрација на возилата, нема да им дадат никакви други таблици освен таблици во боја“,
рече тој.
Според него, СОЗР за време на изборната кампања не добила ниту една пријава за злоупотреба на возилата за партиски цели.
За тоа каде стигаат казните за прекршоци за службените возила, вели дека службените „шкоди“ се на оперативен лизинг и кога ќе регистрира прекршок на „Сејф сити“, тој стига до лизинг компанијата, која потоа со допис ги препраќа до СОЗР.
„Ние таму точно знаеме кој ги должи тие возила, но и онаму каде што имаме возила и не знаеме кој го должи, ние имаме раководител на сектор возен парк, одговорноста е целосна во него“,
вели Томовски.
Во врска со евентуално воведување ГПС-систем за сателитско лоцирање во службените возила, смета дека треба да се почекаи да се види дали тоа ќе биде потребно, откако ќе биде направена анализата на резултатите од „Сејф сити“.
Посочи дека има заинтересирани инвеститори што сакаат да го изградат Скопски саем.
„Имаме таква иницијатива на барање на оние што го работеле Скопски саем, има заинтересирани инвеститори што сакаат да го изградат и да го стопанисуваат, а повторно ние како држава да имаме саем, а да не платиме ништо за тоа. Во моментов сме во потрага по соодветно земјиште и соодветна локација“,
рече директорот на СОЗР.
Очекува дека во скоро време ќе се најде таква локација и дека градот ќе добие саем.
