Тој додал и дека верува оти архиепископот Стефан и Синодот работат за да се заврши сè она што е потребно за да се стигне до тоа Вартоломеј да богослужи во историскиот храм „Света Софија“ во Охрид, а со цел да го предаде томосот за автокефалност

Братството на Бигроскиот манастир и сестринствата од Рајчица и од Пречиста, предводени од владиката Партениј, биле на поклоничко патување на островот Имврос, а од вчера се во Цариград (Истанбул), информираа од Бигорскиот манастир од каде што пренесуваат изјава од митрополитот на Имврос и Теденос, г.Кирил од Вселенската патријаршија, во која тој уверува дека томосот за автокефалност на МПЦ ОА е на добар пат.
„Процесот за доделување на томосот за автокефалија е на добар пат. Уверен сум дека процесот на присоединување на Охридската архиепископија, како автокефална црква ќе биде заокружен и дека томосот за автокефалност, Вселенскиот патријарх Вартоломеј ќе го донесе во Охрид“,
изјавил митрополитот Кирил од Вселенската патријаршија, пренесе МИА.
Тој додал и дека верува оти архиепископот Стефан и Синодот работат за да се заврши сè она што е потребно за да се стигне до тоа Вартоломеј да богослужи во историскиот храм „Света Софија“ во Охрид, а со цел да го предаде томосот за автокефалност.
Митрополитот Кирил неколкупати беше во посета на МПЦ ОА, а беше дел и од Струшката литија и, како што рекол, по задача на вселенскиот патријарх Вартоломеј да се посвети на Охридската архиепископија.