„Според обемот, пожарот имаше зафатено големи параметри. Освен нашите капацитети, преку главниот штаб и општините беше ангажирана дополнителна механизација, камиони со кои почнавме да нанесуваме песок за да се спречи ширењето на црниот чад кој се гледаше оддалеку“, информира Томевски

Пожарот кој изби во објект со електронски отпад во Трубарево е целосно под контрола. Покриени се околу 80 проценти од локацијата каде изби пожарот. Сега се работи на догасување и проверување дали има остатоци од самото горење, информира денеска командантот на Територијалната противпожарна бригада на Град Скопје, Звонко Томевски.
„Мирисот од пожарот веќе е интензивно намален, го нема оној интензивен препознатлив мирис кој беше на почетокот. Се надевам дека до крајот на денот целосно ќе биде затрупана и обезбедена како депонија, односно нема да има исчадување од неа“,
изјави Томевски одговарајќи на новинарско прашање во Трубарево.
Тој додаде дека станува збор за тежок пожар кој е исто така тежок за гаснење, но оти од професионален аспект може да каже оти интервенцијата е успешна благодарение на координацијата на сите институции.
„Според обемот, пожарот имаше зафатено големи параметри. Освен нашите капацитети, преку главниот штаб и општините беше ангажирана дополнителна механизација, камиони со кои почнавме да нанесуваме песок за да се спречи ширењето на црниот чад кој се гледаше оддалеку. Некаде во доцните часови пожарот е локализиран, немаме активно горење, само чадење на локалитетот. На почетокот на наредниот ден дополнителна акција, со ангажирање на дополнителна механизација којашто ни помогна во целост да го ставиме пожарот под контрола“,
рече Томевски.
Тој дополни дека ниту еден од пожарникарите не е повреден, односно, сите се безбедно вратени дома.
„Вакви пожари се тешки пожари, кои тешко се гасат, но, благодарение на организираноста на сите институции во државата успеавме брзо да го ставиме под контрола, што дури и за мене беше изненадување“,
рече командантот на Територијалната противпожарна бригада на Град Скопје.
Томевски информира дека поради обемот на пожарот била побарана дополнителна помош како од главниот штаб, така и од АД „ОКТА“, кои излегле во пресрет со хемиска пена, со која побрзо пожарот бил ставен под некоја контрола, како и АД „Макпетрол“, кој исто така донирал 4 000 литри пенило бидејќи резервите на противпожарните бригади, околу 3,5 тони, биле потрошени во првичниот удар.