Колегите од Бугарија се обидуваат да го наметнат само нивното гледиште по однос на отворените прашања во мешовитата Комисијата за историски и образовни прашања, вели Петар Тодоров, член на Комисијата.
Тој во изјава заТВ24 вели дека во однос на прашањето околу Цар Самуил, членовите од Бугарија во континуитет тврдат дека тоа е бугарско царство и дел од бугарската национална историја.
„Ние тоа не можеме да го прифатиме и не е дека ние не го прифаќаме тоа само затоа што така сакаме, туку ние не веруваме во тие толкувања на минатото и сметаме дека тоа е политизирање на минатото. Во таков случај, ние мора да го деполитизираме тоа. Кога се наметнува само едно гледиште тоа не води кон решавање на овој спор, туку води кон создавање на пожесток спор“,
вели Тодоров.
Тој додава дека македонските членови во мешовитата Комисија предложиле деполитизација на работата на Комисија ведојќи се според принципите на УНЕСКО, Советот на Европа и други меѓународни организации. Вели дека со мултифункционален пристап, ќе има простор да се решат отворените прашања, а не со наметнување на едно гледиште.
Во врска со обвинувањата на копретседателот на Комисијата од бугарската страна, Ангел Димитров, дека македонските членови не ја толкувале историската вистина, Тодоров вели дека со таков однос не може да се решаваат проблемите.
„Никогаш досега не сме имале принцип да обвинуваме никого, но овојпат ќе морам со жалење да кажам дека таквиот паристап на постојано обвинување на другата страна не може да биде продуктивно. Со жалење констатирам дека таквото обвинување јас веќе го гледам како пречка за функционирање на Комисијата“,
вели Тодоров.
