„На Комисијата за надворешни работи при Европскиот парламент (АФЕТ) се наоѓа извештајот на кој очекувам бугарските членови на Европскиот парламент да ги повлечат амандманите во коишто бараат македонскиот многувековен идентитет и јазик да се додефинираат со зборчето ‘сегашен’ или ‘презент’ и во рамките на европскиот дух да биде усвоен тој извештај, а потоа и патоказот за малцински права, што многу скоро ќе биде на дневен ред. Така што имаат можност ова што го зборуваат и на дело да го покажат“, изјави денеска Мицкоски прашан за коментар на вчерашната изјава на бугарскиот претседател Румен Радев
Помалку слушај што зборуваат, повеќе гледај што прават. Со овие зборови премиерот Христијан Мицкоски ја искоментира вчерашната изјава на бугарскиот претседател Румен Радев дека Софија нема да поставува нови услови кон земјава надвор од Преговарачката рамка од 2022 година, додавајќи дека бугарската страна има можност да го покаже она што го зборува ако го поддржи извештајот во Европскиот парламент и ако прифати средба со македонската страна на маргините на Самитот на НАТО во Хаг.

Прашан за став во врска со изјавата на Радев и дали верува во кажаното од бугарскиот претседател, Мицкоски рече дека во случајот не станува збор за дали „веруваме или не веруваме“ бидејќи, како што додаде, многу различни пораки стигнуваат од Софија.
„Нашите стари рекле: ‘Помалку слушај што зборуваат, повеќе гледај што прават’. Еве имаме таква можност да го покажат тоа што го зборуваат на 24 јуни. На Комисијата за надворешни работи при Европскиот парламент (АФЕТ) се наоѓа извештајот на кој очекувам бугарските членови на Европскиот парламент да ги повлечат амандманите во коишто бараат македонскиот многувековен идентитет и јазик да се додефинираат со зборчето ‘сегашен’ или ‘презент’ и во рамките на европскиот дух да биде усвоен тој извештај, а потоа и патоказот за малцински права што многу скоро ќе биде на дневен ред. Така што имаат можност ова што го зборуваат и на дело да го покажат“,
кажа премиерот одговарајќи на новинарски прашања.
Мицкоски кажа оти очекува Софија да ја прифати иницијативата за средба во рамките на Самитот на НАТО во Хаг, како и да се разговара за железничката пруга меѓу С Македонија и Бугарија на Коридорот 8, за што двете страни меѓусебно се обвинуваат за кочење на проектот, кој е од стратегиско значење.
„Да тргне и таму работата, да биде и тоа приоритет кај нашиот источен сосед и навистина како добри соседи да ги градиме нашите меѓусебни односи“,
рече Мицкоски.
Бугарскиот претседател Румен Радев вчера на заедничка прес-конференција со македонската претседателка Гордана Сиљановска-Давкова и албанскиот претседател Бајрам Бегај на Самитот на шефови на држави и влади на учесниците на Процесот за соработка со Југоисточна Европа (ПСЈИЕ) во Тирана рече дека Бугарија никогаш не ставила вето на С Македонија на нејзиниот пат кон Европската Унија, туку дека станувало збор за внатрешни и предизвици поврзани со човековите права и владеењето на правото во земјава.
„Има преговарачка рамка од 2022 година, европски консензус на сите земји членки и од власта на Северна Македонија, така што Бугарија никогаш не поставила и нема да постави услови надвор од тој договор, надвор од преговарачката рамка и надвор од двата протоколи. Ние сакаме час поскоро се што стои во тие документи да се запази. Станува збор за човекови права, чекаме трета година да се отвори процесот на присоединување и да почнат преговори со Северна Македонија и со промени во Уставот. Моето прашање е зошто тоа не се случува“,
рече Радев.
Изјавата на Радев дојде откако неговата македонска колешка Гордана Сиљановска-Давкова во својот говор рече дека С Македонија нема доволно поддршка од соседите на патот кон членството во Европската Унија.
Викендов владата во Софија соопшти дека премиерот на земјата Росен Желјазков на средба со претседателот на Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ), Теодрос Русопулос, рекол оти очекува ПССЕ да се заложи за заштита на правата на бугарската заедница во С Македонија и да на биде арена за антибугарска кампања.
Шефот на македонската дипломатијата Тимчо Муцунски вчера изјави дека се работи на засилување на динамиката на средби со официјална Софија и оти сме подготвени за изнаоѓање на рационални решенија во рамките на европските вредности, но наше и да ставиме јасна црвена линија дека по однос на одредени прашања поврзани со идентитетските атрибути.
Во врска со иницијативата за средба меѓу Македонија и Бугарија на маргините на Самитот на НАТО во Хаг, премиерот Мицкоски викендов изјави дека е остварена комуникација со Канцеларијата во Европската комисија, оти има предлог за термин, но се чека на одговор од Софија.
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, пак, кажа дека иако е правило да има средба со својот хомолог не е проблем да разговара и со бугарскиот премиер Росен Жељазков на Самитот на НАТО во Хаг, со оглед дека е потврдено оти нејзиниот бугарски колега, претседателот Румен Радев, не доаѓа во Хаг, во насока на деблокирање на нашите евроинтеграции.
Освен околу иницијативата за средба во Хаг, пораките меѓу Скопје и Софија одбиваат на интензитет и поради гласањето за извештајот за напредокот на земјава, подготвен од известувачот за С Македонија во Европскиот парламент Томас Вајц кој во интервју за „360 степени“ наведе дека во него постојат неколку референции за признавање на македонскиот јазик и идентитет, момент што предизвика реакции од Софија.