Сега предметот се наоѓа во рацете на редовните обвинителства, а надлежна обвинителка остана Лиле Стефанова, која очекува во следните неколку рочиште да заврши сослушувањето на сведоците предложени од обвинителството
Уште 50-ина од околу 200 сведоци предложени од обвинителството остануваат да се сослушаат на судењето за обемниот предмет „Титаник“, кој се однесува на изборни измами. По ова ќе следува и презентација на доказите од одбраната, односно сослушување сведоци, дополнение на доказната постапка, евентуален распит на обвинетите и заврши зборови.
Ова е првиот предмет што своевремено СЈО го презентираше во јавноста уште во февруари 2016 година. По спроведената истрага, на крајот на јуни 2017 беше поднесено обвинение, а во април 2018 година започна судскиот процес, кој сè уште е во доказна постапка.
Сега предметот се наоѓа во рацете на редовните обвинителства, а надлежна обвинителка остана Лиле Стефанова, која очекува во следните неколку рочиште да заврши сослушувањето на сведоците предложени од обвинителството.
И на денешното рочиште во Основниот кривичен суд се сослушуваа сведоци предложени од обвинителството. Еден од нив беше и поранешен припадник на сообраќајното одделение при МВР во Струга, Бобан Ѓеорѓиевски, кој раскажуваше како на локалните избори во 2013 во Струга добил наредби од своите претпоставени да запира и да легитимира возила, кои потоа ги упатувал на технички преглед, каде што бил и началникот.
„Јас се движев со мотоцикл. Откако им ги одземав документите, возилата ги упатував на технички преглед каде што се наоѓаше старешината. Бидејќи Струга е мал град, потоа ја разбрав причината зошто се одземени документите, односно тоа се случуваше за потоа тие лица да бидат повикани во полиција или во други јавни објекти за да им кажат за кого да гласаат или во спротивно ќе бидат казнети. Се работеше за заедничкиот кандидат на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, Владо Кочовски. Присуството на полицијата од Скопје во Струга според мое мислење беше за заплашување на народот“,
изјави сведокот Ѓеорѓиевски, пренесе МИА.
Наводите на сообраќајниот полицаец од Струга во својот денешен исказ ги потврди и сведокот Беќир Беќировски, кој рече дека во 2013 година му била одземена сообраќајната дозвола и потоа бил повикан на разговор.
„Во март-април 2013 година имав проблеми со полицијата, со командири, со УЈП. Откако ми беше одземена сообраќајната дозвола, следниот ден бев повикан во кафеана од командирот Зоран Раткушиновски, таму беше и Крсте Муковски. Командирот ми рече дека ако ја терам процедурата по нивно ќе бидам заштитен како ’бела мечка‘. Лицата бара од мене да гласам за ВМРО-ДПМНЕ“,
изјави сведокот Беќировски.
Сведочење денеска имаше и Горан Чекаловиќ, припадник на единицата „Алфа“, кој во 2013 бил испратен на работни задачи во Охрид, кој, пак, рече дека тие само извршувале наредби што им бил дадени од водачите на тимот.
„Повеќе лица бевме од тимот, беше и Џезми Ахмет (обвинет во ’Титаник‘). Патролиравме по еден булевар. Немавме наредба за да застанеме некој посебно. Престојувавме во одморалиштето на МВР во Охрид“,
истакна сведокот Чакаловиќ.
Со обвинението за „Титаник“ за изборни измами во 2011 и 2013 година опфатени се 20 лица: поранешниот премиер Никола Груевски кој избега и доби азил во Унгарија, ексгенералниот секретар на Владата Кирил Божиновски, ексминистерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, како и Мартин Протуѓер, Билјана Бришкоска Бошковски, Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Леко Ристоски, Кирил Тодоровски, Катерина Веловска, Станко Коруновски, Коста Марковски, Драгче Драгчески, Марјан Накевски, Гоце Јаневски, Џезми Ахмет, Роберт Давитков, Далибор Алешковиќ и Ленка Рашјаковска.
Тие се осомничени за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања.