Обвинението го застапува Никола Гратери, еден од најпознатите италијански обвинители кои со години се борат против мафијата. Тој посвети децении на оваа борба поради што повеќе од 30 години живее под заштита

Италијанското правосудство зададе тежок удар на Ндрангета, една од најмоќните мафии во Италија, со тоа што осуди 70 нејзини членови и помагачи. Станува збор за најголемото судење на една мафија од крајот на 1980-тите.
Зад затворени врати во посебно опремена судница, судијата Клаудио Парис во градот Лемеција Терме во Калабрија ја прочита пресудата за 91 обвинет со која се осудени 70, а 21 лице се ослободени.
Во наредните две години уште 355 лица треба да бидат изведени пред суд поради учество во најбогатата и најмоќната италијанска мафија. Меѓу оние кои ќе се соочат со судот во понатамошниот судски процес се и наводниот „бос“ на мафијата, Луиџи Манкозо, и поранешниот италијански сенатор, Џанкарло Пители.
Во овој огромен судски процес учествуваат повеќе од сто адвокати и речиси 1 000 сведоци. Долгата листа на кривични дела во обвинението вклучува убиства, обиди за убиства, изнуда, оддавање државни тајни, злоупотреба на службената положба итн.
Обвинението го застапува Никола Гратери, еден од најпознатите италијански обвинители кои со години се борат против мафијата. Тој посвети децении на оваа борба поради што повеќе од 30 години живее под заштита.