Како што информира судијата Осман Шабани, претседател на Комисија за спроведување на изборите, станува збор за прелиминарни резултати, бидејќи сè уште течe рокот за приговори, а конечните треба да бидат соопштени утре
Судијата Садула Изаири од Основниот суд Тетово доби најмногу гласови на денешните непосредни избори за член на Судскиот совет од редот на судиите припадници на етничките заедници кои се над 20 отсто во државата. За Изаири гласале 179 судии од вкупно 390 кои денеска го искористиле правото на глас.

Гласањето се одвиваше од 8 од 15 часот во изборите места во сите судови во земјата, а прелимираните резултати беа соопштени вечерва на јавна седница во салата за состаноци на Судскиот совет на РС Македонија.
„Вкупно гласачи кои се запишани во Изборниот именик се 418 од кои вкупно гласале 390 гласачи, односно 93% од гласачите. Неважечки гласачки ливчиња вкупно има 12“,
кажа судијата Осман Шабани, претседател на Комисија за спроведување на изборите.
Во трка за местото во Судски совет, беа уште петмина кандидати – Африм Јакупи, судија на Апелацискиот суд Гостивар; Улбер Хасани, судија на Основниот граѓански суд Скопје; Хасан Асани, судија/претседател на Основниот суд Тетово; Џемали Саити, судија на Врховниот суд и Шпреса Граинца-Османи, судија на Основен кривичен суд Скопје.
Листата на кандидати Судскиот совет ја утврди во рамките на 534. седница одржана кон средината на овој месец, по спроведеното вонредно оценување.
„Напоменувам дека ова се прелиминарни резултати, поради тоа што тече рокот за приговори од пет часа. За конечниот резултат во текот на утрешниот ден ќе биде објавено соопштение на страницата на Судскиот совет“,
рече судијата Шабани.

Садула Изаири за судија е избран пред 18 години. Правен факултет студирал во Приштина, а правосудниот испит го положил на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј во Скопје во 2004 година.
Во текот на својата кариера, според неговата кратка биографијата објавена на веб-страницата на Основниот суд Тетово, тој работел како управител на приватна фирма во Тетово, бил секретар во Општина Боговиње, а од 2005 до 2008 година ја вршел функцијата генерален директор на „Македонски пошти“. Во 2008 година со одлука на Судскиот совет е избран за судија во Основен суд Тетово, каде работи на предмети од кривична област.
Во делот за објавени трудови и активности, за Изаири пишува дека учествува на семинари организирани од Академијата за судии и јавни обвинители.

Изборот за член на Судскиот совет доаѓа по истекот на шестгодишниот мандат на судијата Ханиф Зендели од Апелацискиот суд Гостивар, кој за член на Советот беше избран на 22 јануари 2020 година.
Претходно овој месец, по предлог на претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова за членки на Судскиот совет беа избрани адвокатката Сузана Јошевска-Анастасовска и универзитетската професорка Арлинда Кадри-Шахиновиќ.
Судскиот совет брои 15 члена, од кои осум избираат активните судии, двајца се членови по функција (претседателот на Врховниот суд и министерот за правда – без право на глас), тројца избира Собранието, а двајца се избираат во Собранието по предлог на претседателот на државата. Советот се смета за клучен орган во судскиот систем на земјата, одговорен за избор и разрешување на судиите и претседателите на судовите и за оценка на нивната работа.
