Иницијаторите велат дека, според Законот за урбано зеленило, парк е сѐ она што има минимум еден хектар површина, што значи дека во градот под Шара нема парк
„Тетово сака парк“ се вика новата граѓанска иницијатива која денеска првпат ја образложи идејата пред јавноста. Предлогот е да се формира градски парк во источниот дел од градот, на излезот кон Скопје, место што, според нив, е единствениот простор што може да претставува парковска површина. Иницијаторите велат дека предлогот го поднеле и до Советот на Општина Тетово.

„Советот на општината да донесе соодветни одлуки и да го формира првиот вистински градски парк во нашиот град, за кој може да кажеме дека е единствениот без градски парк во државава. Предвидуваме да биде формиран од десната страна на булеварот ‘Видое Смилевски-Бато’ на потегот од ул. ’29 Ноември’ до ул. ‘Борис Кидрич’, како и од левата и десната страна на бул. ‘Видое Смилевски – Бато’ на потегот од ул. ‘Борис Кидрич’ до ул. ‘Љубо Божиновски-Пиш’. Ова е последниот простор кој може да добие ваква намена во градот, простор кој е доминантно во државна сопственост, односно 74 отсто“,
изјави Даријан Сотировски, еден од иницијаторите.



Архитектот Благоја Ристовски, кој е дел од иницијативата, рече дека, според Законот за урбано зеленило, парк е сѐ она што има минимум еден хектар површина, што значи дека во Тетово нема парк.
„Тетово има 0,2m² парковска површина по жител. СЗО вели дека секој град треба да има девет метри квадратни градско зеленило, што значи ние сме далеку од хуманизирање на градот. Површината која ја предлагаме може да биде ефективно искористена со 16 хектари. Тоа е всушност тој потребен исчекор кој треба да го направиме кон хуманизирање на градот. Тоа претставува последната неизградена површина и со толкав обем друг простор нема. Тоа е специфична зона на периферија на градот со можност за рекреација и одмор без сообраќај и гужви. Ова е можност да се создаде еден препознатлив урбанистички гест – источна зелена капија на градот кога западната зелена капија ни е Шар Планина. Со тоа создаваме зелена тампон зона кон тоа што значи индустриска зона на градот, препознатлив елемент на градот“,
истакна Ристовски.
Наставничката Соња Трифуновска истакна дека во својата работа со ученици тие ја истакнуваат потребата да има парк.
„Со изградба на паркот, родителите ќе има каде да ги прошетаа своите деца, бабите и дедовците своите внуците, младите каде да се дружат, вљубените каде да се состануваат. Спортистите да рекреираат, а пензионерите да уживаат во долги разговори“,
истакна Трифуновска.
Идејата за градски парк опфаќа четири урбани блока, а иницијаторите посочуваат дека неопходно е да се измени Генералниот урбанистички план за два од нив и да им се додели намена Д за зеленило, рекреација и меморијални простори.
Под слоганот „Град е со градски“, на оваа иницијатива ѝ се приклучиле над 60 истакнати професори, уметници, писатели, доктори, архитекти и други интелектуалци од градот.