Иако Билал Касами синоќа објави победа на изборите, тој нема освоено доволен број гласови за да победи во првиот изборен круг. Според 100 отсто обработени податоци, кандидатот на ВЛЕН има освоено 45,64 отсто гласови од вкупниот број избирачи. Кандидатот на коалицијата НАИ, Бајрам Реџепи, пак, има освоено 36,63 отсто гласови
Тетово е една од општините во кои на 2 ноември граѓаните ќе гласаат на вториот круг од локалните избори. На гласачкото ливче ќе се најдат две имиња – актуелниот градоначалник Билал Касами од владејачката коалиција ВЛЕН и кандидатот на „Националната алијанса за интеграција“ (НАИ), предводена од ДУИ, Бајрам Реџепи.
Иако Касами синоќа објави победа на изборите, тој нема освоено доволен број гласови за да победи во првиот изборен круг. Според 100 отсто обработени податоци, Државната изборна комисија (ДИК) објави дека кандидатот на ВЛЕН има освоено 45,64 отсто гласови од вкупниот број избирачи кои гласале, или вкупно 19 028 гласа.

Кандидатот на коалицијата НАИ, Бајрам Реџепи, пак, има освоено 36,63 отсто гласови од вкупниот број избирачи кои гласале, или во апсолутни бројки 15 272 гласа. Кандидатката на Левица за градоначалничка на Тетово, Катка Божиновска, освои 7,91 процент од гласовите, односно 3 298 гласа, а кандидатот на ВМРО – Народна партија, Стевица Сркоски, 3,90 отсто од гласовите, или во апсолутни бројки 1 625 гласа.
Кандидатот на коалицијата „Искуство за успех“, Самка Ибраимовски, освои 253 гласа, а на Демократи Скопје, Изет Зејнеловиќ, 0,28 отсто од гласовите, односно 115 гласа.
На гласањето за советничките листи во Тетово, резултатите се следни – ВЛЕН води со освоени 38,33 отсто од гласовите, односно 15 981 гласови, а зад нив е коалицијата НАИ со освоени 33,37 проценти или 13 911.
Преточено во број на освоени мандати во Советот на Општина Тетово, владејачката ВЛЕН предничи со 13 освоени советнички мандати во однос на НАИ, која во тетовскиот совет ќе ја претставуваат 12 советника.
Во Советот на Општина Тетово коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ ќе има три советника, коалицијата на СДСМ и Левица по еден, а едно советничко место доби и независната група избирачи Агрон Арифи.