Според резултатите објавени од Државната изборна комисија (ДИК), во некои општини, особено во источниот дел од земјава, може да се забележи многу тесна трка помеѓу кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. Разликата во гласови во дел од општините е десетина

Во вториот круг од локалните избори што се одржаа вчера, коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ освои 21 градоначалник, коалицијата ВЛЕН доби 4 нови градоначалнички места, коалицијата предводена од СДСМ освои три градоначалници и Унијата на Роми, Движењето ЗНАМ и НАИ освоија едно градоначалничко место. Градоначалнички мандат во Струга доби и независниот кандидат Менди Ќура.
Според резултатите објавени од Државната изборна комисија (ДИК), во некои општини, особено во источниот дел од земјава, може да се забележи многу тесна трка помеѓу кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. Разликата во гласови во дел од општините е десетина.
Најтесна била трката во општините Крушево и Зрновци. Во Крушево, кандидатот на СДСМ, Томе Христоски, изгубил од својот противкандидат од ВМРО-ДПМНЕ, Нико Чонески, за 19 гласа.

Во Зрновци, пак, кандидатот на СДСМ, Ванчо Митев, го победил кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Борко Коцев, за 12 гласа.

Тесна трка имало и во Македонска Каменица и Пробиштип.
Во Македонска Каменица, Соња Стаменкова од СДСМ освоила 1 734 гласа, а Димчо Атанасовски од ВМРО-ДПМНЕ – 1 702, односно Стаменкова победила со 32 гласа разлика.
Во Пробиштип, кандидатот на СДСМ, Драган Анастасов, освоил 4 134, наспроти кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Тони Тоневски, кој освоил 4 163 гласа. Тоневски со разлика од 29 гласа успеа да ја добие градоначалничката битка за Пробиштип.

Десетици гласови разлика имало и помеѓу кандидатите во Чешиново-Облешево, Лозово, Росоман и Демир Капија.
Во Чешиново-Облешево, Горанчо Крстев од СДСМ освоил 1 590 гласа, а Јорданче Костадинов од ВМРО-ДПМНЕ освоил 1 642 гласа (разликата е 52 гласа во полза на Костадинов).
Во Лозово, за Ацо Велковски од СДСМ гласале 688 избирачи, а за неговиот противкандидат од ВМРО-ДПМНЕ, Бошко Цветковски, гласот го дале 735 избирачи (разлика од 47 гласа во полза на Цветковски).
Во Росоман, Стојан Николов од СДСМ освоил 1 231 гласа, а Ѓорѓи Крстевски од ВМРО-ДПМНЕ – 1 305 (разлика од 74 гласа во полза на Крстевски).
Разлика од 70 гласа имало и меѓу кандидатите за градоначалници во Демир Капија. Тука Лазар Петров од СДСМ освоил 1 152 гласа, а Наталија Димитриева од ВМРО-ДПМНЕ 1 222 гласа.
