Возачот на автомобилот и 11-годишното дете се пренесени на скопскиот клинички центар, а на третиот сопатник, кој е полесно повреден, укажана му е помош во болницата во Велес
Три лица, меѓу кои 11-годишно дете, се повредени во тешка сообраќајна несреќа што попладнево се случила на експресниот пат Прилеп-Градско, кога автомобил излетал од патот.

Според наводите на Јавното обвинителство, сообраќајката се случила кога автомобил марка „фолксваген поло“ со скопски регистарски ознаки во остра кривина налево изгубил контрола и излетал од патот преку претходно оштетен дел од заштитната ограда, паѓајќи околу 40 метри надолу во населено место.
Тешко повредени се возачот на автомобилот и 11-годишно дете кое е во критична состојба. Поради сериозноста на повредите тие се пренесени на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје. На третиот сопатник во автомобилот, кој е полесно повреден, укажана му е лекарска помош во болницата во Велес.
„Јавниот обвинител издаде наредби за технички преглед на автомобилот, како и за проверка на присуство на алкохол кај возачот. Од лице место се подигнати и биолошки и други траги заради натамошно постапување“,
информираат од Обвинителството.