Според информациите на полицијата, возачот, чиј идентитет се утврдува, бил пронајден во близина на возилото, марка „мерцедес“
Уште една сообраќајна несреќа со смртни последици се случи на патиштата во земјава за помалку од 12 часа.

Утрово возач го загубил животот во сообраќајка кај селото Облешево, во општина Чешиново-Облешево, откако со возилото излетал надвор од коловозот.
Во моментот, како што пренесе МИА, се работи на утврдување на неговиот идентитет.
Од Министерството за внатрешни работи (МВР) информираа дека во Секторот за внатрешни работи (СВР) Штип, несреќата била пријавена утрово во 9:43 часот, и дека стазнува збор за патничко возило „мерцедес“, кое излетало од патот.
„Во близина на возилото бил пронајден починат возачот, а од страна на лекар од Итна медицинска помош констатирана е смрт“,
информираат од МВР.
Како што додаваат оттаму, во тек е увидот на местото на несреќата, а се преземаат и мерки за утврдување на идентитетот на возачот.
Претходно денеска, од полицијата информираа дека во тешка сообраќајна несреќа што ноќеска околу полноќ се случила на локалниот пат од селото Горно Чичево кон Долно Чичево во општина Градско, 21-годишно лице починало, а тројца се здобиле со тешки телесни повреди.
Од Секторот за внатрешни работи во Велес информираа дека возило „бмв“, управувано од П. А. (22), излетало од патот, при што со тешки телесни повреди се здобиле возачот и неговите сопатници Љ. О. (21), Б. П. (20), двајцата од Градско, и Х. Л. (22) од с. Ногаевци.
Од здобиените повреди починал Љ. О., а останатите повредени се пренесени во Општата болница во Велес.