Според информациите од МВР, случаите се пријавени во Скопје, Кавадарци, Струмица, Охрид и Гостивар

Во текот на изминатиот викенд, полициските служби ширум земјата реализирале серија апсења поврзани со пријави за семејно насилство.
Според информациите од МВР, приведени се вкупно седум лица во Скопје, Кавадарци, Струмица Охрид и Гостивар.
На подрачјето на Скопје, полицијата лишила од слобода три лица. Во два од пријавените случаи се работи за меѓусебни пресметки и физички напади во кои учествувале свекрви и снаи:
На Бит Пазар, 41-годишната Х.Ј. е приведена под сомнение дека физички ја нападнала својата 66-годишна свекрва. Во истото подрачје, денеска половина час по полноќ, 66-годишната К.Ф. е пријавена дека со тврд предмет ја нападнала својата 41-годишна снаа.
На Бит-пазар приведена е и 46-годишната скопјанка С.Д. по пријава за напад врз својата 27-годишна ќерка со употреба на тврд предмет.
На подрачјето на скопско Драчево, лишен од слобода е 56-годишниот З.Л., кој бил пријавен за физички напад врз неговата сопруга.
Во Кавадарци се приведени две машки лица. Едниот случај се однесува на 48-годишниот С.Ј., кој физички го нападнал и му се заканувал на својот 74-годишен татко. Во вториот случај, 40-годишниот Ѓ.И. е лишен од слобода откако физички ја нападнал и и се заканувал на својата поранешна сопруга во неговиот дом.
Во Струмица, денеска, во раните утрински часови приведен е 27-годишниот Ф.К. поради напад врз неговата сопруга.
Во Гостивар 30-годишна жена е лишена од слобода откако нејзината 73-годишна свекрва пријавила дека била физички нападната.
Од МВР велат дека била регистрирана пријава и од 41-годишна жена од Охрид која навела дека на 22 овој месец била физички нападната од нејзиниот партнер Г.К.
