Наместо јавна презентација на Предлог – Деталниот урбанисти план (ДУП) за делот околу Трнодол во Општина Карпош, настана тепачка помеѓу граѓаните, а беше нападнат и претставникот на општината.
Настанот попладнево беше закажан за во просториите на урбаната заедни „Кузман Јосифовски Питу“ на кој се собраа голема група граѓани. Презентацијата и расправата за ДУП-от не ни започнаа, се бараше одложување бидејќи просторијата била претесна за сите граѓани.
При тепачката направена е и материјална штета во урбаната заедница.
За настанот се огласија и од Општина Карпош.
„Група на граѓани, уште на самиот почеток свесно и со намера сакаа да предизвикаат инцидент. Општина Карпош целиот процес го води транспарентно. Токму затоа, го продолжи временскиот рок на спроведување на јавната анкета која ќе трае 11 дена, и покрај тоа што законскиот минимум е пет дена. Во интерес на граѓаните, локалната самоуправа наместо до 15.30, го стави на увид новиот предлог ДУП, секој работен ден од 8 до 18 часот, каде карпошани преку пополнување на анкетни листови можат да ги дадат и своите сугестии. Во изминатиот период, службите и градоначалникот Стефан Богоев одржаа средба со засегнатите граѓани, на која се постигна согласност за сите суштински работи. Исто така, постојано се информираа и медиумите за овој Предлог ДУП, а се одржа и брифинг со новинари. Очигледна е намера на одредена група граѓани, од политички или други побуди да прави кризни ситуации во Трнодол“, наведуваат од општината.
Оттаму потенцираат и дека локалната самоуправа ќе продолжи со отворениот пристап и во иднина и дека никој нема да го сопре развојот на Карпош.
ДУП-от за ридот кај Трнодол изминатиот период е предмет на расправии помеѓу локалната власт и жителите на овој дел од скопската општина. Граѓаните се бунтуваат бидејќи, како што посочуваа и изминатиот период, се плашат дека таму ќе никне нова населба, додека од општината тврдат дека тоа нема да се случи и дека се шират лажни вести.