Случајот се расчистува, а по целосно документирање од МВР велат дека ќе биде поднесена соодветна пријава

Две лица, кои биле осуденици, вчеравечер околу 00:50 часот се степале во Јавната здравствена установа Психијатриска болница „Скопје“ во Бардовци. Поради здобиените повреди, 62-годишниот И.Т. од Љубанци, Скопско, починал во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“.
Според извештајот од СВР Скопје, во соба на судскиот оддел настанала физичка пресметка помеѓу Д.С. (35) од Неготино и И.Т. По ударите со стаклено шише, И.Т. паднал во бесознание. Итно бил пренесен во Ургентниот центар, каде што во 02:20 часот лекар констатирал смрт. Телото на починатиот е предадено на обдукција по наредба на јавен обвинител.
Д.С., кој е осуден за кривично дело убиство, е задржан во собата каде што се случил настанот. Починатиот И.Т. бил осуден за семејно насилство.
Случајот се расчистува, а по целосно документирање од МВР велат дека ќе биде поднесена соодветна пријава.