Тензиите продолжија и по завршувањето на рочиштето кога дел од родителите вербално го нападнаа обвинетиот инспектор додека си заминуваше
Жесток вербален судир меѓу родители на жртви во т.н. кабаре „Пулс“ и обвинетиот градежен инспектор Огњан Ѓорѓиев избувна на денешното рочиште за пожарот во Кочани. До него дојде додека на пултот за сведоци исказ даваше Габриела Наунова, мајка на загинатата Надица Наунова.
Притоа можеа да се слушнат пцости и закани кон Ѓорѓиев, откако тој рече дека и родителите треба да се на обвинителна клупа бидејќи ги пуштиле своите малолетни деца во дискотека.

Имено, Наунова, меѓу другото, рече дека во последните две години била редовен гостин во „Пулс“ и оти во него доаѓале полициски инспектори, градежни инспектори, градоначалници и други функционери.
„Бидејќи ‘Пулс’ беше единствената дискотека, особено во зимскиот период во таа дискотека доаѓаа многу од тие кои сега седат на столчињата за обвинети. На денот на пожарот не се надевавме дека таа дискотека работела нелегално. Во неа како гости доаѓаа инспектори од полиција, градежни инспектори, градоначалници”,
кажа Наунова.
Таа ги наведе имињата на поранешниот градоначалник на Кочани, Ратко Димитровски, и полициската инспекторка Кристина Николова.
На прашање на обвинителката дали го видела Димитровски, рече дека не го видела лично, но додаде оти постојат фотографии дека тој бил и на отворањето. За полициската инспекторка кажа дека лично ја видела, а била сведок и на разговор меѓу неа и Михајло Јованов, син на сопственикот на „Пулс“, како му кажува кога ќе има инспекции.
„Неа ја имам лично видено. Христина и Михајло ги имам слушнато. Михајло ја прашуваше Христина дали ќе има рација, ја прашуваше лично пред мене. Тоа се случи во кафулето ‘Класик’. Тогаш слушнав како ја праша. Таа му одговори – тука (во ‘Класик’) ќе немаш, а во дискотеката да, а можеби и обратно, не се сеќавам”,
рече Наунова.
На нејзиното сведочење реагираше Михаил Јованов, кој е третообвинет, кој рече дека никогаш не разговарал со инспекторката. По него со забелешка на сведочењето се јави обвинетиот градежен инспектор Огњан Ѓорѓиев, кој праша дали него го видела во кабарето.
Откако Наунова рече дека не го видела, тој ѝ укажа дека не треба да генерализира.
Тогаш, родителите почнаа со реакции, на што тој рече и тие треба да се на обвинителна клупа затоа што ги пуштиле малолетни да одат во дискотеката.
„Ќе те убијам. Ќе се видиме во Кочани, ќе те збришам на пешачки”,
велеше еден од родителите.
Гласно со закани и со пцости кон инспекторот негодуваа и другите родители присутни во делот за јавност.
Судијаката Диана Груевска-Илиевска бараше судската и редовната полиција да реагираат и да ги смират родителите.
Тензиите продолжија и по завршувањето на рочиштето, кога дел од родителите вербално го нападнаа обвинетиот инспектор додека си заминуваше.
