Тензична атмосфера предизвикаа протестите во Тирана против уривањето на Националниот театар на Албанија.
Објектот кој се смета за еден од најзначајните културни обележја на албанската престолнина треба да замине во историјата откако деновиве Владата ја предаде сопственоста на Општина Тирана која донесе одлука за рушење.
По одлуката, утринава во 4:30 часот градежна механизација почна со уривање на објектот.
Веднаш се создаде тензична ситуација што доведе до судир меѓу полицијата и активистите од Алијансата за заштита на театарот, по што дел од нив биле приведени, а активностите за уривање прекинати. Меѓу приведените, според албанските медиуми е и сопругата на претседателот Илир Мета.

И тој жестоко се противи на уривањето, а утринава излезе и со остра реакција нарекувајќи го овој чин уставен криминал и наредба на мафијата на власт.
„Пред неколку часа, во екот на темнината, мафијата нареди уништување не само на еден од најзагрозените споменици на културното наследство во Европа, туку и на секоја илузија за постоење правна држава во Албанија“,
напиша Мета на Фејсбук.
Во исто време, додава Мета, полициското насилство врз театарските уметници и новинарите е „црна дамка за мафијата на власт“.
Премиерот Еди Рама, пак, обвини дека тие што се противат и протестираат се против развојот на главниот град.
Тој објави видео на кое прикажуваат фотографии и прави споредба од минати протести против проекти на Владата и сегашни фотографии односно како изгледа детското игралиште, плоштадот Скендербег, новиот пазар, стадионот и други, а завршува со фотографии од стариот и од новиот планиран изглед на театарот.
„Демонстрантите се истите оние луѓе кои протестираа и против други големи проекти. Оние кои протестираат за зачувување на зградата не сакаат развој на главниот град“,
напиша Рама.
Одлука за уривање на Националниот театар албанскиот Парламент донесе во септември 2018 која беше пропратена со ветување од владата на Рама дека ќе се изгради нов современ објект. Но, поради масовните протести и несогласувања, Владата не успеа да го реализира уривањето, сè до пред неколку денови кога сопственоста ја препушти на Општина Тирана која на онлајн седница одлучи да започне со уривање.

Стариот театар е дело на италијанскиот архитект Џулио Берте, изграден 1938/39 година по барање на албанското кралско семејство.
Проектот за новиот, пак, е на данскиот архитект Бјарк Ингелс, кој е основач и креативен партнер на меѓународно реномираната фирма Bjarke Ingels Group (BIG).

Треба да се гради на парцела од 86 000 квадратни метри во центарот на Тирана, односно на плоштадот Скендербег, каде веќе се наоѓаат Националната опера и Националната уметничка галерија.
Ќе биде во форма на пеперутка вратоврска и модерна противтежа на постоечките објекти, додека плоштадот ќе стане заокружена, оформена целина наменета исклучиво за пешаци.