Вработените во ЈП „Комунална хигиена“ ноќеска повторно излегоа на протест со барања за повисоки плати и враќање на отпуштените колеги од работа. На протестот околу 1 часот по полноќ, како што пренесува „Порталб“, се појавила и директорката Косана Мазнева која со полициска асистенција инсистирала работниците да го прекинат штрајкот и да се вратат на работа.

И покрај убедувањето да се вратат на работа вработените одбиле со образложение дека немаат намера да отстапат од нивните барања.
„Директорката дојде со полиција да не однесе на работа. Зошто повикала специјална единица, никој не ѝ се заканувал, ние имаме наши барања и не одиме на работа додека не се исполнат. Бараме прво да биде разрешена директорката бидејќи таа повеќе не е наша директорка“,
изјавил за „Порталб“ еден од вработените во „Комунална хигиена“
По средбата, на која присуствувала и полицијата, директорката Мазнева порачала дека разговорите ќе продолжат од понеделник.

На прес-конференција претходно Мазнева се пожали дека добивала закани од одредени вработени, а поднела и кривични пријави. Револтот според неа настанал кога донела одлука за ротација во трета смена на вработените кои досега манипулирале и не се појавувале на работа или „терале“ свои приватни бизниси.
„Нема да дозволам ’Комунална хигиена’ – Скопје и сите граѓани да бидат заложници на овие политички насилници. Сите закани по мојот живот и кон вработените во претпријатието се уредно пријавени во МВР од каде што очекувам брза реакција. Последниве 15-20 години една група луѓе се постојано трета смена. Значи, спротивно на закон. Голем дел од нив земаат ноќен труд од 35% и само поради нив не може некој друг да ротира. Тоа не е причина за протест“,
рече Мазнева.
Вработените во „Комунална хигиена“ веќе неколку дена протестираат и одбиваат да работат. Бараат повисоки плати, подобри услови, исплата на К-15 и враќање на отпуштените колеги од работа.
Контејнерите во Скопје се преполни, на улиците и булеварите има купишта ѓубре.