Бугарскиот тенисер Григор Димитров објави дека е позитивен на тестот за ковид-19, со што тенискиот турнир „Адрија тур“ во хрватскиот град Задар стана потенцијални кластер за коронавирусот.
Но, пред Задар, се одржа уште еден „Андрија тур“ во Белград.
На тениските турнири во двата балкански града учествуваа низа познати и успешни тенисери, меѓу кои и Новак Ѓоковиќ кој го организира овој турнир од хуманитарен карактер, понатаму Борна Ќориќ, Марин Чилиќ, Александар Зверев, Андреј Рубљов…

Според најавите кои ги пренесуваат хрватските и српските медиуми, сите тие ќе бидат тестирани за ковид-19, како и оние кои учествувале во организацијата.
Димитров во Задар ги помина последните десетина дена. Тој таму одигра само еден меч со Хрватот Борна Ќориќ, по што пријавил дека не му е добро и се откажа од турнирот.
„Сакам да ги известам фановите и пријателите дека сум позитивен на ковид-19. Ги советувам сите кои беа во контакт со мене во последните неколку дена да се тестираат и да ги преземат сите потребни превентивни мерки. Жалам доколку му наштетам на некого. Сега сум дома и заздравувам. Ви благодарам на поддршката, бидете безбедни и здрави“,
објави бугарскиот тенисер кој заминал за Монако и таму се тестирал.

По неговата објава, турнирот во Задар кој беше пред финале се откажа. Во финалето требаше да се соочат Ѓоковиќ и Рубљов.
Хрватскиот портал „Индекс“ пишува дека и покрај тоа што заразениот Димитров одигра еден меч, изминатите денови се дружел со голем број на луѓе. Стотина, а можеби и илјада луѓе биле во негова близина, од кои голем број на деца. Бугаринот бил дел и од низа други активности, па со останатите тенисери играл фудбал и кошарка.

На турнирот се појавил и хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, кој немал директен контакт со Димитров, но се дружел со Чилиќ и Ѓоковиќ кои имале блиски контакти со Бугаринот.