Постапката, како што дополни, била предмет на задолжителна управна контрола од Бирото за јавни набавки, при што не се најдени никакви неправилности
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски денеска во објава на неговиот фејсбук-профил се огласи за обвинувањата од опозицијата поврзани со тендерот за набавка на униформи за специјалните полициски единици. Ги оцени како обид за политичка конструкција и дефокус од вистиските реформи.
Случајот со тендерот за униформи за специјалните единици што го доби женско модно студио од Битола со двајца вработени и фирма формирана 20 дена пред распишувањето на тендерот го објави „360 степени“, по што следеа реакции од Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ) и од Левица.

„Најпрво, важно е да се истакне дека МВР нема склучено договор за директна, еднократна исплата на наведената сума одеднаш, туку склучена е рамковна спогодба која претставува максимална вредност за набавки во наредните три години. Разликата е клучна, самата рамковна спогодба не предизвикува директна финансиска обврска за Министерството, односно финансиски обврски се преземаат само кога ќе има реална потреба и се склучуваат посебни, поединечни договори за конкретни нарачки, со динамика на испорака според потребите“,
вели Тошковски.
Посочи дека една од главните „замерки“ е зошто не се барало долгогодишно искуство или поголем број вработени, а оти нивната логика е јасна и е исклучиво во интерес на државата, а тоа е поттикнување на конкуренцијата и фер пристап.
„Премногу строги критериуми често ги елиминираат малите и средни претпријатија, кои во Македонија се најконкурентни и често можат да понудат најдобри цени. Наша цел е да добиеме најдобар квалитет по најповолна цена, а тоа го постигнуваме со овозможување на поширок круг на понудувачи. Законот за јавни набавки не предвидува исклучување на фирма само поради тоа што е новорегистрирана или има помал број вработени и ние целосно постапуваме согласно неговите одредби“,
пишува Тошковски на Фејсбук.
Наместо само на историјат на понудувачите, според него, се фокусирале на реалниот квалитет на производот, па затоа клучните услови се задолжителна достава на мостри и лабораториски анализи.
„Секој понудувач мораше да достави примероци од униформите и делови од униформа, а мострите беа предмет на лабораториски анализи и испитувања од независни акредитирани лаборатории. Важно е да се нагласи и дека техничките спецификации за униформите и нивните делови се уредени со Правилник кој е јавно објавен во Службен весник. Тоа значи дека тие се стандардизирани и нема можност за какво било влијание врз нивната содржина, што обезбедува еднаков пристап за сите економски оператори“,
вели тој.
Објаснувајќи ја постапката, посочи и дека покрај квалитетот, клучен фактор е и цената, а анализата покажа дека разликата помеѓу највисоката и најниската понудена цена во постапката е 14,4 отсто за дел 1 и 27,9 отсто за дел 2 од набавката, што ја потврдува конкурентноста на тендерот и добиените поволни цени.
„За да се обезбеди дополнителна сигурност, за секоја поединечна нарачка се бара банкарска гаранција од 5 отсто од износот на таа конкретна нарачка. Ова е дополнителен механизам за заштита на буџетските средства и осигурување на квалитетот и навремената испорака. Целата постапка беше максимално транспарентна, со продолжување на рокот за поднесување понуди, од 32 на 55 дена, за да се обезбеди фер шанса за сите“,
вели Тошковски.
Постапката, како што дополни, била предмет на задолжителна управна контрола од Бирото за јавни набавки, при што не се најдени никакви неправилности.
Од Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ) денеска обвинија дека тендерот за униформи за специјалните единици во МВР, претставува нов скандал во ова министерство, водено од Панче Тошковски, вреден речиси четири милиони евра, кој ги носи сите обележја на скандалозните тендерски мрежи на ВМРО-ДПМНЕ.
Оттаму побараа поништување на скандалозниот теендер и отврање нова транспарентна постапка со објективни критериуми.
Пред два дена „360 степени“ објави дека модното студио „Ле бранд дизајн“ од Битола, кое последниве години има приходи од околу 20 илјади евра на годишно ниво и просечно два до три вработени, го добило делот од договорот за униформа во шара чија вредност може да достигне 2,13 милиони евра. Фирмата „Памитекс тим“, формирана 20 дена пред да се распише тендерот и со сопствеништво од Србија, го добила делот од договорот за еднобојни униформи вреден 1,7 милиони евра.
Од МВР за „360 степени“ изјавија дека и двете фирми преку доставените мостри кои се барале во тендерската документација докажале дека поседуваат техничка способност да ги сошијат униформите. Додаваат и дека двете фирми ги исполниле условите пропишани во тендерот, кои патем, се поставени без услови за претходно искуство, број на вработени, минимален годишен приход или слично.