Компанијата „Јосифов“ е битолска фирма застапник за возилата „шкода“. Тие понудија 120 возила за вкупна сума од околу 3,75 милиони евра без ДДВ
„Еуроимпекс“ е увозник за возилата „пежо“ и „опел“ во земјава. Нивната понуда е околу 4 милиони евра без ДДВ за 120 возила. Победникот ќе се знае по спроведувањето на електронската аукција
Во мала канцеларија лоцирана на четвртиот кат во една од зградите во Министерството за внатрешни работи, утринава точно во десет часот вработени во секторот за јавни набавки при МВР ги отворија понудите доставени за набавка на 120 возила за потребите на Министерството.

По краткиот формален вовед од претседателот на Комисијата за јавни набавки, на екранот се појавија две понуди.
Првата понуда е на фирмата „Јосифов ДООЕЛ увоз-извоз“ Битола, која понуди нешто повеќе од 232 милиони денари или 3,75 милиони евра без ДДВ. Втората понуда пак, пристигна од Еуроимпекс ДОО увоз-извоз Скопје која достави нешто поголема понуда – 245 милиони денари, или речиси 4 милиони евра без ДДВ.
Што е познато за двете фирми?
По кратката проверка на веб-страницата на „Јосифов“, може да се види дека станува збор за дистрибутер на возила марка „шкода“ од Битола. Продаваат нови и половни возила, но и мотори и опрема.

Фирмата, минатата 2024 година ја завршила со вкупна нето-добивка од 141 390 евра. Пребарувајќи ја базата на Бирото за јавни набавки во последните пет години, дојдовме до заклучок дека оваа компанија сè почесто успева и да победи. На пример, во декември лани склучила договор за продажба на коли на Агенцијата за национална безбедност вреден 150 000 евра, а во ноември продала коли во вредност од 447 000 евра токму на МВР.

Претходно, имаат помали испораки, со исклучок на продажбата на возила на МВР во 2021 година, но тие беа купени согласно договор за донација од Чешка.

Втората компанија што изрази интерес за набавка на 120 возила за потребите на Министерството за внатрешни работи е „Еуроимпекс“ ДОО увоз-извоз Скопје. На нивната веб-страница се наведува дека тие се фирма која се занимава со трговија со автомобили и моторни возила од лесна категорија и оти се генерален увозник за возилата „пежо“ и „опел“ во земјава. Тие доставија нешто поголема понуда од единствениот конкурент на јавната набавка – 4 милиони евра.

Нето-добивката на оваа компанија за минатата година е значително поголема од битолски „Јосифов ДООЕЛ“, и изнесува 2,4 милиони евра. Според електронскиот систем за јавни набавки имаат и далеку повеќе испораки кон државни институции.
Сепак, во последната година, нивната најголема испорака е со вредност од околу 227 000 евра, за возила за Агенцијата за национална безбедност. Претходно, имаат и поголеми испораки, како, на пример, 600 000 евра за „Електрани на Северна Македонија“, договор потпишан во февруари 2024-тата година.
Во последниве пет години „Еуроимпекс“ има добиено и тендери во Министерството за внатрешни работи во вкупна вредност од 218 000 евра.

По денешното отворање на понудите, следува нивна евалуација. Комисијата ќе треба да провери дали се поднесени сите барани документи, но и дали карактеристиките на возилата одговараат на карактеристиките што ги бараше МВР во тендерот. Некои од нив беа, моторот да има моќност од најмалку 110kW, да развиваат максимална брзина од најмалку 210 км/ч, возилото да е долго најмалку 4 600 мм и друго. Според описот на димензиите, возилата би требало да бидат во лимузинска изведба.