Поранешните вицпремиер Владимир Пешевски и министер за финансии Кирил Миновски, од владата на Никола Груевски се дел од поширокиот советодавен тим на сегашниот вицепремиер за економски прашања, Фатмир Битиќи, објави Телма.
Битиќи во гостувањето на Телма не одговори директно дали овие поранешни високи функционери од претходната владејачка гарнитура се дел од неформалната платформа „За татковината со љубов“, но на прашањето дали тие се дел, тој одговори дека секој што ја сака татковината е дел од тимот.
„Можам да кажам дека и тие двајца си ја сакаат татковината“,
рече Битиќи.
Инаку, „За татковината со љубов“ е неформално советодавно тело иницирано токму од Битиќи, а неговата цел треба да биде поголема вклученост на експертската јавност и професионалците од сите економски сфери во носењето државни политики и придонес за економски развој на земјата.
На 3 декември годинава, ова советодавно тело го одржа и првиот онлајн-состанок, а како што тогаш информираа од Кабинетот на вицепремиерот Битиќи поканети за учество да земат се универзитетски професори, економски експерти од невладини организации, поранешни министри, стопанственици, без разлика на нивната политичка наклонетост, родова или етничка припадност.