Стоиме до нашите партнери од Западен Балкан. Заедно ќе ја надминеме кризата, порача претседателката на ЕК, информирајќи за разговорот со македонскиот премиер
ЕУ обезбедува 651 000 дози вакцини за заштита од ковид-19, како директна помош за граѓаните на земјите од Западен Балкан, а соодветен дел од нив, согласно со бројот на жители, во текот на април ќе пристигнат и во Северна Македонија, го информирала претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, премиерот Зоран Заев, во денешниот телефонски разговор.
„Стоиме до нашите партнери од Западен Балкан. Заедно ќе ја надминеме кризата“,
напиша претседателката на ЕК на Твитер, информирајќи за телефонскиот разговор со Заев.
Стоиме до нашите партнери од Западен Балкан.
— Ursula von der Leyen (@vonderleyen) March 27, 2021
Дискутиравме со @Zoran_Zaev за набавка на вакцини за ?? со финансиски средства од @EU_Commission со цел набрзо да се вакцинираат здравствените работници и ранливите категории граѓани.
Заедно ќе ја надминеме пандемијата!
Како што информира Заев на својата фејсбук-страница, со претседателката на ЕК разговарале за соработката меѓу Европската Унија и земјите од Западен Балкан, во услови на здравствена криза. Заеднички констатирале дека европската соработка и солидарност мора да бидат на прво место во услови на глобална пандемија и загрозено јавно здравје и ја потврдиле обостраната силна заложба за забрзана интеграција на регионот кон Унијата.
Во денешниот телефонски разговор со претседавачот на Советот на министри на Босна и Херцеговина, Зоран Тегелтија, Фон дер Лајен најавила дека вакцините ќе бидат целосно бесплатни, а распределбата на контингентот ќе биде договорена со секоја од државите од Западен Балкан.
Како што пренесува Фена, двајцата соговорници оцениле дека забрзувањето на производството и рамноправната и правична глобална дистрибуција на вакцини, како и поголема солидарност на сите земји, се клучни за стабилизација и закрепнување, како и за надминување на проблемите предизвикани од пандемијата на коронавирус.