Во телефонскиот разговор Ковачевски и Шоле констатирале дека иднината на Западен Балкан е во ЕУ и земјите треба посветено да работат во насока на забрзување на евроинтеграциските процеси преку носење мудри и одговорни одлуки

Република Северна Македонија има континуирана поддршка од САД за заложбите на државата за исполнување на критериумите за влез во ЕУ, како и обезбедување стабилност, просперитет и економски развој на тој пат. Ова е дел од телефонскиот разговор кој премиерот Димитар Ковачевски го водел со советникот на американскиот Стејт департмент, Дерек Шоле, а од кој биле дел и вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ и амбасадорката на САД во земјава, Анџела П. Агелер.
Премиерот Ковачевски, како што информираат од владината прес-служба, се заблагодарил на САД за поддршката и охрабрувањето на сите политички партии во Собранието да работат заедно во конструктивна атмосфера, градејќи меѓупартиски консензус, фокусирајќи се на конкретни чекори во преговарачкиот евроинтеграциски процес.
„Премиерот Ковачевски потенцираше дека Република Северна Македонија и понатаму ќе биде фактор на стабилност во регионот, преку практикување на политиките на дијалог и негување на добрососедските односи. Взаемно беше констатирано дека иднината на Западен Балкан е во ЕУ и земјите треба посветено да работат во насока на забрзување на евроинтеграциските процеси преку носење на мудри и одговорни одлуки“,
информираат од Владата.
Премиерот, додаваат оттаму, изразил увереност дека во претстојниот период ќе се зајакне соработката со САД во изнаоѓање системски решенија за справување со корупцијата на секое ниво, вклучувајќи ја и високата корупција.
Високиот претставник на Стејт департментот, Шоле, се заблагодарил за покажаното лидерство на Република Северна Македонија и на премиерот Ковачевски како домаќин на состанокот на високо ниво од дијалогот помеѓу Србија и Косово, кој, под покровителство на Европската Унија и со поддршка на САД, се одржа на 18 март во Охрид.
Од владината прес-служба велат дека Шоле во телефонскиот разговор нагласил дека организирањето на овој настан е препознавање на кредибилноста на Република Северна Македонија како партнер на ЕУ и САД, како и пример за успешно решавање на отворените прашања.
