Според првичните сознанија на ОЈО Штип, двајца од починатите се од Бангладеш, а еден од Непал. Тие биле работници ангажирани од фирма во Струмица
Телата на трите лица што утринава загинаа во сообраќaјна несреќа на експресниот пат Штип – Радовиш се дадени на обдукција. Сообраќајката се случила откако комбето во кое се превезувале излетало од мостот „Балталиска река“ во близина на село Лакавица. Во несреќата потешко е повредено уште едно лице, а со полесни повреди е возачот.

Според првичните сознанија на Основното јавно обвинителство (ОЈО) Штип, двајца од починатите се од Бангладеш, а еден од Непал. Тие биле работници ангажирани од фирма во Струмица.
„На местото на несреќата е извршен увид од страна на јавен обвинител. ОЈО Штип презема дејствија за испитување на причините за несреќата. Се врши разговор со очевидци, а телата на починатите се дадени на обдукција“,
наведуваат од штипското обвинителство.
По наредба на јавен обвинител ќе биде извршено и сообраќајно вештачење.